Властите имаат повеќе механизми за промоција на алтернативни видови на горива. Фискални и финансиски механизми подразбираат помали даноци за алтернативни горива, фискални олеснувања при регистрација за возила на алтернативен погон, субвенции за набавка или конвертирање на алтернативни возила, поевтин паркинг и други давачки за патишта и инфраструктура.
Регулаторни механизми кои, исто така, им се на располагање се задолжителни квоти при набавка на јавни и приватни флоти за компании и претпријатија, отстапки при забраните за движење во градски средини за возилата на алтернативен погон, како и постабилна и долгорочна регулаторна политика за инвестирање во развој и инфраструктура за алтернативни горива.
Други механизми се самите власти да користат повеќе возила на алтернативен погон, кампањи за подигање на свеста на граѓаните за алтернативните горива и директни субвенции за развој и инвестирање во инфраструктура за алтернативни горива и возила.
Според извештајот на ТНГ Европа – „Политики за поттикнување ТНГ“ од септември 2019 година во пракса, финансиската привлченост на автогасот во споредба со другите горива зависи од два фактори, трошокот за конвертирање на постоечко возило на ТНГ или купување на ново возило со вграден ТНГ уред во споредба со исто такво возило на бензин или плин и цените на автогасот на бензинските станици споредено со цената на останатите горива. Ова се два важни индикатори од кои зависи за колку време се враќа инвестицијата во плински уред за возилото.
Побрзо враќање на инвестицијата ќе го зголеми користењето на автогас. Државите тоа може да го направата со намалување на данокот на автогасот во споредба со останатите горива. Во просек давачките за литар ТНГ се за 50 проценти помали од давачките за литар бензин. Автогасот е целосно ослободен од акцизи и други давачки во Русија, Кина, Индија и Мексико. Друга форма на поддршка е давање субвенции за инсталирање на автогас уред.
Компетитивноста на автогасот се одредува според потребните извозени километри за да се врати инвестицијата споредено со истата километража доколку се користел бензин или дизел. Според истражувањето на ТНГ Европа во 2018 година во Бугарија возило конвертирано на автогас ја враќа инвестицијата по само 13 илјади километри, додека во Грција по 16 илјади километри, а во Полска по изминати околу 17 илјади километри. Кај нас тоа се движи од 13 илјади километри кај постарите модели, до 20 илјади кај посовремените модели на возила.
Според извештајот на ТНГ Европа – автогасот моментално има удел од 1,1 процент во вкупната потрошувачка на гориво за патен транспорт. Во Бугарија и Полска автоплинот учествува со 10 проценти во вкупната потрошувачка на горива за патен транспорт.
Данокот по литар гориво генерално е помал за Автогас во однос на бензинот и дизелот, но е многу различен од земја до земја. Автогасот во Кина, Индија, Мексико и Русија е целосно ослободен од данок, додека Тајланд и го субвенционира. Односот на данокот на автогас со данокот на бензин во САД е 73 проценти. Според извештајот на ТНГ Европа – „Политики за поттикнување ТНГ“ од септември 2019 година доколку државите ги оданочуваат горивата согласно нивната енергетска вредност, тогаш данокот на ТНГ треба да биде помал од тој на дизелот и бензинот поради помалата енергетска вредност, па така данокот на ТНГ би требало да биде за 20 проценти помал од тој на бензинот и за 38 проценти на тој на литар дизел.