Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на лидерската средба која е во тек и се одржува кај претседателот Стево Пендаровски, ги спорел документите доставени од Комисијата за заразни болести, ДИК и ОБСЕ/ОДИХР, иако тие се сериозен аргумент изборите да се одржат што е можно побрзо, брифираат партиски извори присутни на средбата за „А1он“.
Според нашите извори, документите кои се разгледувале биле аргументација дека изборите треба да се случат во првиот можен термин. Исто така, Мицкоски на лидерската средба образложил дека ДИК и ОБСЕ не можат да спроведат конкретни изборни активности, без да се одреди датум за нивно одржување.
Мицковски, според информациите, е на ставот дека најбезбедно е изборите да се одржат крајот на август или септември. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев и натаму бара изборите да се одржат во првиот можен рок, откако здравствените органи же се изјаснат дека има услови за избори.
Од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека во време кога и натаму има починати и заразени, услови за одржување избор нема. Оттаму потврдуваат дека за нив е спорно мислењето на Комисијата за заразни болести бидејќи не го гарантирало здравјето на граѓаните, додека, пак, за документот доставен од ОБСЕ, велат дека нема прецизен одговор.
„Мислењето на Комисијата за заразни болести кое што го даде е општо, без конкретни заклучоци, и не гарантира заштита на здравјето на граѓаните во ситуација на одржување на брзи избори. Општите препораки кои ги дава комисијата се досега познати и впрочем се применуваат, но отсуствуваат портоколи и дефинирање на условите за избори и нивното оддржување. Нема ниту прецизен одговор од набљудувачката мисија на ОБСЕ чиј што шеф потребно е да биде најмалку 35 дена пред почетокот на изборите. Со што датумите дадени од СДСМ и Заев веќе се прегазени. ВМРО ДПМНЕ на денешната лидерска средба ќе даде свое мислење кој е најдобриот период за оддржување на изборите и тој датум е оддреден како резултат на долги дискусии со здравствени експерти и епидемиолози. Главната цел на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде заштита на здравјето на граѓаните и кредибилни избори“, брифираат извори од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, лидерската средба трае веќе два часа, средбата започна нешто по 12 часот, а со неа раководи претседателот Стево Пендаровски.
Освен лидерите на партиите, на средбата учествуваат и претседателот на Собранието, Талат Џафери, и премиерот Оливер Спасовски.