Минатата седмица државната комисија првпат по 31 години од смртта на југословенскиот претседател Јосип Броз Тито ги отвори сефовите со негови предмети, откако, по одлука на Претседателството на СФРЈ тие предмети се таму депонирани.
Во сефот на Тито, меѓу останатото, се наоѓале околу 30 килограми злато и околу 150 предмети со скапоцени камења на семејството Караѓорѓевиќ, дознава весникот „Данас“.
Весникот ексклузивно ја открива содржината на предметите според списокот кој е предочен на тогашното раководство на земјата.
Бидејќи, според одлуката на Претседателството на СФРЈ е оставена можноста дел од тие работи да се претворат во златна резерва на НБЈ или дури да се продаде на аукција, можно е и сосема веројатно тогашниот список на работите да не одговара на состојбата која е најдена при влегувањето на државната комисија.
Се што се однесува на овие предмети се случило во периодот од крајот на март до крајот на јуни 1982 година, кога овие предмети се пренесени во НБЈ и заклучени во сефовите.
Тука станува збор главно за злато за кое не се знае како се нашло во резиденцијата на Тито и за што требало да служи – како и за одреден број скапоцености и одликувања од наследството на кралското семејство Караѓорѓевиќ, пишува „Данас“.
Можно е златото да било земено од државните резерви за да стои на располагање на Тито и раководството на земјата во случај на потреба или непредвидени околности како што се агресија на државата или некои слични околности.
На седницата на Претседателството на СФРЈ одржана на 30 март 1982 година генералниот секретар на тој орган, генералот Иван Долничар, ги запознал членовите на Претседателството за прашањата врзани за наследството на Јосип Броз. Тогаш е заклучено златото да се депонира во трезорот на Народната банка. Заедно со тоа одлучено е и „имотот за кој е утврдено дека припаѓа на семејството Караѓорѓевиќ да се предаде на располагање на Народната банка на Југославија.
На народната банка на Југославија и е предадено: злато во плочки и во прав, со вкупна тежина од 29,366 кг, златници (вкупно 2.663 парчиња), предмети од злато, брилијанти и дијаманти кои припаѓале на Караѓорѓевиќ, вкупно 149 парчиња и други скапоцености.
Во информацијата е наведено дека одликувањата, спомен-плакети, разни дипломи, благодарници, признанија се евидентирани, но не се внесени во НБЈ, пишува „Данас“.