Најмалку тројца цивили се убиени во напад врз либискиот главен град Триполи, што го предводеле силите на генералот Калифа Хафтар, јави агенцијата Анадолија.
Амин ал-Хашими, консултант за односи со јавност во Министерството за здравство, изјави дека силите на Хафтар денеска го гранатирале Триполи.
Тој потврди дека во нападот загинале тројца цивили, а 19 се повредени, меѓу кои има и деца.
Ал-Хашими, исто така, истакна дека гранати паѓале на крајбрежниот пат во регионот Таџура, додавајќи дека тоа е единствениот пат што го поврзува Триполи со околните области на истокот од земјата.
Либија од 2011 година се наоѓа во длабока политичка и безбедносна криза, откако од власта беше соборен и потоа и убиен дотогашниот долгогодишен лидер Моамер ел-Гадафи.
Либиската Влада за национално единство, со седиште во Триполи, ја ужива поддршката од Обединетите нации и меѓународната заедница, додека владата на Хафтар, чие седиште е во Тобрук, ги предводи силите поддржани од Русија, но и од Египет и Обединетите Арапски Емирати.
Силите на Хафтар во четвртокот соопштија дека е прогласен прекин на огнот во текот на светиот месец Рамазан.
Ахмед Ал-Мисмари, портпарол на либиската национална армија (ЛНА), изјави дека сите воени операции во Либија биле прекинати во текот на месецот на постот, но денеска се појави вест дека е прекиното примирјето.