(ВИДЕО) Нуредини: Со прогласување на Шар Планина и Осоговските Планини за заштитени подрачја бенефит ќе има и државата

Од:

Прогласувањето на Шар Планина и Осоговските Планини за заштитени подрачја, не само што ќе ги исполниме националните, стратешките и меѓународни цели за заштита на природата, бенефит ќе има и државата, а особено ќе имаат корист општините кои ќе опфаќаат делови од заштитеното подрачје и локално население. Ова денеска го посочи министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на прес-конференција во Владата.

Со финализација на овој процес, додаде тој, ќе се зголемат можностите за прекугранична соработка со соседните земји, особено од аспект на фактот дека Шар Планина ќе стане еден од најголемите национални паркови во Европа, а истовремено, посочи, заштитата на овие подрачја значи напредок и исполнување на обврските кон ЕУ директивите.

– Соодветното управување со заштитените подрачја значи користење на огромниот потенцијал за развој на локалната економија. Тоа подразбира заштита и зачувување и одржливо користење на природните вредности, заживување на селата во и околу заштитеното подрачје со развој на еко туризмот, традиционалното земјоделие и овчарството, наведе министерот.

Согласно законската процедура за прогласување на заштитените подрачја, Нуредини соопшти дека ќе има јавни дебати базирани од предлозите на локалното населени. По усогласувањето на мислењата и забелешките ќе бидат изготвени конечните предлози за прогласување на овие локации кои повторно ќе бидат доставени до Владата за усвојување. Тој увери дека ќе бидат земени предвид сите барања од засеганатите страни за обезбедување на заштита на природата без нанесување на штети на локалното население и обезбедување на развој на локалитетите според европските стандарди.

На вчерашната седница на Владата беа усвоени иницијативите на МЖСПП за заштита на две подрачја во нашата држава – Шар Планина и Осоговските Планини, за прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата Национален парк и прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје од категоријата V.

Статусот на заштита, како што информира Нуредини, бил утврден од страна на експертски тим кој спровел студија за валоризација на подрачјата и со кои било утврдено дека содржат високо ниво на биолошки и културни вредности за чие зачувување треба да бидат преземени мерки.

Прашан за тоа дека постојат студии кои зголемената смртност од Ковид-19 ја поврзуваат со големата загаденост на водухот, како во Ломбардија и Вухан, и што презема Владата за справување со загаденоста бидејќи на есен и зима се предвидува можен втор пик, Нуредини рече дека има меѓународни студии кои укажуваат дека тие што биле изложени на загаденост можно е да имаат поголема смртна стапка.

-Ова го знаеме и ние, дека имаме проблем со тоа. Ќе се инвестира многу повеќе во спречувањето на загадувањето на воздухот, да бидеме поефикасни со транспортот. Исто така ќе го поддржиме транспортот и гасификацијата во нашата држава. Со тоа ќе се намали загадувањето на воздухот, нагласи Нуредини.

На новинарско прашање дека е уништена инфраструктурата во НП „Шар Планина“, Нуредини рече дека за ова ќе се дебатира со јавноста и со властите.

– Во оваа фаза ќе разговараме со локалните власти да ја развиеме инфраструктурата, да ги подигнеме стандардите што ги заслужува еден национален парк. Во исто време ова ќе овозможи и локални и странски инвестиции, доколку ги спремаме европските стандарди што ги заслужува еден национален парк каде што ќе имаме и летен туризам, но и зимски туризам, рече Нуредини.

Би можело да ве интересира

Едукативна кампања на Центарот за одржлив развој „Алка“ за зачувување на животната средина

A1on

Државата е еден од најголемите загадувачи: Над 700 институции користат греење со кое го трујат воздухот, најголем дел се во училишта и градинки

A1on

Шукова: Граѓаните да користат суво дрво, 45 отсто од загадувањето доаѓа од домаќинствата

A1on

Чебрен пропадна: Грчката компанија не можела да подигне кредит од банка за да гради

A1on

Воздухот енормно загаден, а пратениците одбиваат амандмани за Буџетот со кои ќе се намали аерозагадувањето

A1on

Трошоците за заштита на животната средина лани изнесувале 7 840 633 000 денари