Ирска го продолжува карантинот, но почнува со извесни олеснувања со цел да им овозможи на луѓето да се бават со спортски активности и да им овозможува на луѓето над 70 години да ги напуштаат домовите и да излегуваат на прошетка.
Олеснувањето на рестрикциите ќе се случува во 5 фази, а секоја фаза ќе трае по три недели, почнувајќи од 18 мај. Петтата фаза треба да заврши на 10 август, ако се се одвива според планот.
Премиерот Лео Варадкар изјави дека државата ќе може да премине од една во друга фаза само доколку коронавирусот се држи под контрола – доколку не, тогаш државата ќе се врати една фаза наназад.
Тој рече дека на долг рок ќе мора да се задржи физичката дистанца меѓу луѓето, а со цел спречување на ширење на коронавирусот, се додека вакцината против Ковид-19 не стане достапна.
Во првата фаза, некои маркети повторно ќе се отворат и ќе почнат да се практикуваат одредени спортови. На луѓето ќе им биде дозволено собирање само во мали групи.
Училиштата ќе бидат отворени во септември.
„Она што го правиме успева, па ајде да го завршиме она што го почнавме“, изјави Варадкар.
Тој додаде дека 70 отсто од луѓето дијагностицирани од Ковид-19 целосно се оздравени.