Македонски здруженија од САД и Канада ги координираа активностите во Вашингтон

Од:

Во Вашингтон вчера се затвори македонската лидерска конференција на која учествуваа водечки претставници на македонската заедница во САД и Канада. Истакнат гостин на конференцијата на македонската дијаспора беше митрополит Методиј од Американско-канадската епархија, кој во изминатите денови имаше средби со членови на американскиот Конгрес и функционери на Стејт департментот.

– Се разбира, на овие средби го отворивме секогаш актуелното прашање признавањето на Македонската православна црква и повторно дојдовме до поентата дека всушност прашањето за признавањето на македонската црква е поврзано со прашањето на името на државата. Во САД се прилично добро запознати со историјата на тој проблем. Тоа се клучни и за нас многу важни прашања, прашањето на признавањето на македонската православна црква и особено нејзина егзистенција како призната црква тука меѓу религиозните организации во САД, и се разбира и на стариот континент, изјави митрополит Методиј.

Тој ги најави плановите за отворање на нови црковни општини во Вашингтон, Сан Диего и во Бостон, како и за градење на нов манастир во Краун Поинт во Индијана, покрај постоечките два во Њу Џерси и Торонто. Воедно, се планира организирање на детски градинки во рамките на црквите, како и младински кампови и женски групи.

– Се разбира, преку овој процес на дополнителни активности кои треба да заживеат, се надевам со таа концентрација на млади луѓе природно ќе дојде време кога ќе воскресне и МОЈАНА, православна организација на млади на Северноамериканскиот континент, изјави митрополит Методиј.

Амбасадорот на Македонија во САД Зоран Јолевски зборуваше за приоритетите на Македонија во контактите со САД, како што се продлабочувањето на трговските врски и подобрување на можностите за патување во САД. Јолевски ги претстави и можностите за инвестирање во Македонија, како и слободните трговски зони. Амбасадорот истакна дека придонесот на дијаспората кон економијата на Македонија се проценува на околу милијарда долари годишно.

– Пред 20 години веројатно во македонската дијаспора гледавме само извор на финансиски приходи, со очекувањата дека ќе испраќате пари на вашите роднини или ќе доаѓате да градите куќи во Македонија, и така очекувавме да и помагате на Македонија. Но, во ова време, најважно е знаењето кое го поседувате и вашата работна етика. Вие сте образувани тука, имате огромни ресурси на знаење и за нас во Македонија, вашето знаење, работна етика, контактите со компаниите, универзитетите, се најголемите вредности кои може да ги искористиме, изјави амбасадорот Јолевски.

Меѓу поголемите македонски организации присутни на конференцијата, покрај ОМД, беа Обединетите Македонци од Детроит и Македонската православна филантропска заедница од Колумбус во сојузната држава Охајо.

– Ги поминавме изминатите два дена во Вашингтон, зборувајќи со македонски лидери од организации низ земјата, за заедничките интереси и цели и мислам дека развивме разбирање за нашата крајна цел, која е поткрепување на интегритетот и успехот на Република Македонија. Ќе имаме редовни годишни средби на овие раководства во САД и во Канада и ќе градиме врз нашиот успех. Без сомнеж, Република Македонија ќе успее преку успехот во инвестициите. Една од главните цели не е само работата на спорот за името со Грција, туку и носењето инвестиции во Македонија. Мислам дека успеваме да го промовираме ова во македонските заедници за да поттикнеме инвестиции во земјата и отворање на работни места, изјави Џорџ Питерс, корпоративен правник од Детроит.

Претставници на Американскиот еврејски комитет, како и на заедницата на Турците во САД имаа предавања на кои споделија искуства и совети за како подобро активистите на македонската дијаспора во Вашингтон да можат да ги градат своите контакти со американските власти. Македонските здруженија организираа и прием во амбасадата на Македонија во Вашингтон, каде се собираше парична помош за деловите на Струмичко неодамна погодени од поплави.

Следната конференција на македонската дијаспора е предвидена во јули во Македонија.

Би можело да ве интересира

Мицкоски со дијаспората во Њујорк: Вие сте нашата жива и постојана врска со светот

A1on

Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за изборите на пратеници

Катерина Ѓуровски

Дијаспората незаинтересирана за гласање во Македонија: Досега пристигнати 209 пријави

Османи: Има паника кај граѓани во дијаспората дека после 12 февруари ќе ги загубат работните места и дозволите за престој

A1on

Успешните од дијаспората да напишат мотивациско писмо зошто сакаат брза лента на аеродромите – Османи повторно дели МКарта

A1on

Македонската дијаспора од ЕУ во 2021 година во Македонија испратила 325 милиони евра

Горан Наумовски