МЗТ победи против Работнички со 86:74, во натпреварот од четвртото коло во Суперлигата. Со оваа победа МЗТ, по четири рунди, е единствената непоразена екипа.
Во првиот дел МЗТ имаше 26 скокови (14 дефанзивни и 12 офанзивни), додека Работнички за 20 минути имаше само седум скокови, од кои еден офанзивен. МЗТ имаше 49 отсто реализација (8/13 за три), додека Работнички погоди 48 отсто од ударите кон противничкиот кош (7/13 за три).
Добрата реализација и доминацијата под обрачите му овозможија предност на МЗТ во првото полувреме од 52:44.
Најефикасни во редовите на МЗТ беа Дамјан Стојановски (18 поени, 13 скокови), Ѓорѓи Чековски (23 поени, 7 скокови) и Тодор Гечевски (15 поени, 9 скокови).
Кај Работнички најефикасен беше Абукар со 15 поени. По 13 постигнаа Голдваер, Петровски и Јелисиевиќ.
На останатите две средби, Лирија го совлада Куманово 85:78, а Кожув го совлада Фени индустри со 87:86.
Табела: 1. МЗТ 4/0, 2. Работнички 3/1, 3. Фени индустри 2/2, 4. Кожув 2/2, 5. Лирија 1/3, 6. Куманово 0/4.
Петтото коло ќе се одигра на 17. април МЗТ ќе му биде домаќин на Фени индустри, Работнички ќе гостува во Куманово, а Лирија ќе го пречека Кожув.