Шесте инспекторати за четири денови извршиле над 2.200 инспекциски надзори. На терен најмногу постапувале инспекторите од Пазарниот инспекторат, кои проверувале дали има ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на маркетите, банките, поштите, угостителските објекти.
Магдалена Филиповска-Грашкоска, претседателка на Инспекциски совет соопшти дека од 22 до 26 април, инспекторите запечатиле 18 кафемати, затвориле девет угостителски објекти и воочиле непочитување на уредбата за носење маски во осум објекти.
„Државниот пазарен инспекторат постапуваше по утврдени неправилности, притоа, затвори девет угостителски објекти во Тетово и Гостивар. Во Скопје и Тетово запечати 18 кафемати. При контролите во Охрид, воочено е непочитување на уредбата за носење маски во осум објекти и по тоа одма е постапено. Издадена е и наредба за повлекување на дезинфекциски средства во еден објект и постапено е пријави за променети цени во четири трговски објекти во малопродажба“, соопшти Филиповска-Грашкоска.
Според неа, во истиот период е изречена е една парична казна за немање услови за одржување на хигиена при манипулација со храна, а изречени се мерки и за лоша хигиенска состојба.
„Од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, спроведени се 201 инспекциски надзор во повеќе градови во месарници, угостителски објекти, маркети, производствени објекти и зелени пазари. Издаден е еден прекршочен платен налог поради немање услови за одржување на хигиена, при манипулација со храна. Изречени се пет казнени мерки за неспроведени обуки за основни знаења за безбедност на храна и издадени се осум решенија за констатирана општа хигиенска состојба или неводење на записи за добра хигиенска пракса“, додаде таа.