Видео-снимка од надзорни камери на која се гледа како претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски влегува во теретана во спортска опрема е објавена на социјалната мрежа „Твитер“ од корисник потпишан како „рецепционерот Талат“.
@MickoskiHM денеска пак у теретана со бодигарди!
Синоќа плачеше, загрижен за зеравјето на граѓаните, загрижен од коронавирусот и ете го наредниот ден пак ги прекршува мерките оди во теретана која отвара само за него! наќе уште спиеш или ќе почнеш са работиш?! pic.twitter.com/GRpA6nHcn4
— рецепционерот Талат (@TalatOdPrespav) April 25, 2020
Од неа, може да се види како Мицкоски пристигнува со две лица кои го обезбедуваат и чека да му дозволат пристап за да влезе во теретаната. Објавувачот тврди дека таа е направена денеска, а како потврда за тоа, тој во коментари напишал „бодигардите носат бели ракавици“. Мицкоски пак, вели дека снимката е стара половина година.
„Синоќа плачеше, загрижен за здравјето на граѓаните, загрижен од коронавирусот и ете го наредниот ден пак ги прекршува мерките оди во теретана која отвора само за него! Наќе уште спиеш или ќе почнеш да работиш?!“, пишува објавувачот на снимката на социјалната мрежа „Твитер“.
Мицкоски негира дека денеска бил во теретана која отворила само за него. Тој вели дека станувало збор за лага која доаѓала од СДСМ, а за снимката тврди дека била стара. Од објавениот материјал може да се види дека станува збор за снимка на која стои дека е снимена во 10 часот, но не се гледа датумот.
„Не е толку срамно што објавуваат без да прашаат, туку е срамно што лажат континуирано и бесрамно. И нема ниту една лага да не им се распрсне и дознае. Веќе е совршено јасно дека зад ваквите лаги стојат повеќе квази пиарџии платени со државни пари, и еден центар на моќ сместен на Бихачка. Дечки повторно грешка, снимката е стара најмалку половина година, туку сега што правиме со тендерите во Дрисла, со новата блокада на патот кон ЕУ, со пљачката која ја правите со новата акциза, со економската криза и нарушеното здравје на граѓаните. Незрелото однесување на СДСМ значи ново пробиено дно. Сосема на крај, сепак има разлика. Да, јас спортувам, а вие крадете. Да, јас планинарам, а вие ја срамите и распродавате Македонија и да, ќе продолжам да вежбам кога ќе се создадат услови, а вие сепак на крајот од денот ќе останете ситни луѓе и јас ве жалам“, пишува Мицкоски за снимката.
Ова е вторпат Мицкоски да биде снимен во теретана. Претходниот пак, сопственикот на теретаната преку социјалните мрежи објаснуваше дека Мицкоски отишол таму за да си ја земе опремата, а објектот бил затворен од почетокот на заразата.