Премолчувањето може да биде дискриминација

Од:

Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

 

Медиумите може да дискриминираат (директно или индиректно), можат да поддржуваат или промовираат дискриминација и може да создаваат услови за дискриминација. Тоа лесно се детектира и може да биде адресирано.

Потешко за детекција и за соодветна реакција е премолчувањето. Премолчувањето може да значи прикривање или пасивна поддршка, меѓутоа во секој случај е манипулација на јавноста која добива непотполна слика/информација.

Посебно е значајно премолчувањето со повод. Премолчување на суштината. Премолчување со кажување та дури и со повторување.

Според Законот за празниците (ПДФ) 8 април е неработен ден за припадниците на ромската заедница. И ова ни го соопштија медиумите. Информацијата вообичаено е претставена како соопштение на Министерството за труд и социјална политика, пропратено со една реченица дека станува збор за меѓународен ден на Ромите.

Освен пренесувањето на соопштението на Министерството за труд и социјална политика и законската одредба дека станува збор за неработен ден за припадниците на ромската заедница, медиумите ги пренесоа и пораките и честитките од државниот и од партиските врвови. Тоа можеше да се види на ТВ Сител, Прес 24, Бриф, Канал 5, А1он, Курир, МТВ, Алфа (каде што се појави, како и на уште еден медиум, и кратко објаснување на историјатот на денот и промоција на уникатниот позитивен пример на ситуацијата на Ромите во Македонија), Дневник… Кај најголем дел од овие медиуми е искористена скоро истоветна фраза и најчесто дури и иста фотографија. Малку поинаков пристап и обид за претставување на различните перспективи понуди ТВ Телма во прилогот: „Меѓународен ден на Ромите – образованието е силно оружје“.

8 Април е ден на кој треба да се одбележи културата на Ромите и да се подигне свеста за специфичните проблеми со кои се соочуваат Ромите.

Во медиумите не се појавија написи со кои се промовира културата на Ромите, преку кои граѓаните би имале можност пошироко да се запознаат со традициите, обичаите, историјатот и развојот на ромската заедница (ниту во светски размери, ниту пак во Македонија). Единствено неколку локални медиуми пренесоа информации за настани/средби кои се одржуваат по повод Светскиот ден на Ромите. Таков е примерот на OhridNews и Тера ТВ.

8 Април не беше искористен од страна на најголем дел од медиумите ниту за подигање на свеста на населението за стереотипите и предрасудите кои го детерминираат однесувањето кон Ромите, ниту за индивидуалната, институционалната и структурна дискриминација на која се секојдневно изложени Ромите, ниту за ранливоста на оваа група граѓани.

Само неколку медиуми може да се издвојат како исклучоци во генералната незаинтересираност за темата. Таков е порталот НОВА каде што е пренесена изјавата на претседателот на Партијата за целосна еманципација на Ромите – Самка Ибраимовски и пренесен е повикот на Европската комисија до државите членки на ЕУ „да вложат дополнителни напори за здружување, против дискриминација на Ромската популација“. Информацијата за повикот на Европската комисија е пренесена и на 24 вести. Штета што не е направен обид оваа порака да се стави во контекст на Република Македонија, меѓутоа, токму овој медиум е еден од ретките кои по повод Светскиот ден на Ромите направил обид барем за мала анализа.

8 Април не беше искористен ниту да се постават прашања од страна на медиумите до власта што се случува со Декадата за Ромите, кои се резултатите постигнати како дел од активностите поврзани со Декадата, во што конкретно се состои напредокот за кој најголем дел од функционерите на власта зборуваат во своите изјави и што направи Македонија во текот на претседавањето со Декадата на Ромите?

Медиумите кои ја спомнуваат Декадата на Ромите вообичаено се задржуваат на позитивните аспекти на истата без да направат попродлабочена анализа за вистинските ефекти од неа (на пример, ТВ Сител под насловот „Ромите задоволни од Декадата во делот на образованието“ или во истиот медиум под наслов: „Ромите го слават 8-ми Април“).

Силен впечаток остава видливата разлика на третирање на темата во медиумите во 2010 година и денес. Во 2010 година се појавуваат голем број медиуми кои нудат анализи, поставуваат прашања и кои го користат 8-ми Април да ја постават на тапет политиката која не ја менува генерално лошата положба на Ромите во Република Македонија. Во 2012 година сѐ уште можат да се видат критички анализи на положбата на Ромите. На пример, анализата на ТВ Телма под наслов „Положбата на македонските Роми како во Втората Светска Војна!“ или репортажата на Канал 77 под наслов „Сиромаштијата ги тера Ромите да бараат азил во ветените земји во Европа“. За разлика од овој многу критички пристап, во 2013 година најголем број од медиумите или премолчуваат или едноставно ги пренесуваат официјалните изјави и тврдења на носителите на државната власт.

Се поставува прашањето, дали положбата на Ромите толку се променила што медиумите едноставно ја отсликуваат реалноста? Или пак медиумите едноставно станале дел од суштинското премолчување на реалноста? Ако се земат предвид некои анализи направени дури и од самите медиуми (како на пример онаа на радио МОФ под наслов „Ништо од очекувањата за подобар живот на Ромите“), тогаш, многу поверојатно е дека станува збор за премолчување. А премолчувањето на дискриминацијата е дел токму од структурната дискриминација. Впрочем, ако не ја препознаваме дискриминацијата на Ромите, како ќе ја препознаеме  дискриминацијата на другите етницитети или групации! И во вакви услови, може единствено да се прашаме, кој ќе биде следната мета на структурната дискриминација?


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска