Советот на најголемите исламски научници на Саудиска Арабија ги повика муслиманите ширум светот да се молат дома во текот на месецот Рамазан, доколку нивните земји бараат социјално дистанцирање како мерка за борба против пандемијата на коронавирус.
„Муслиманите да избегнуваат собири затоа што тоа е главната причина за ширење на заразата и да запомнат дека зачувувањето на животот на луѓето е одличен чин што ги доближува до Бога“, се вели во соопштението на Саудискиот совет, пренесе „Њујорк тајмс“.
Големиот муфтија на Кралството Саудиска Арабија, шеикот Абдулазиз Ал ал-Шеик во петокот го искажа истото мислење, велејќи дека молитвите за време на овој Рамазан треба да се изведуваат дома.
Во однос на епидемиолошката состојба, Саудиска Арабија досега има потврдено 8.274 случаи на коронавирус и 92 смртни случаи.