Советот за безбедност на Република Северна Македонија утре од 12 часот ќе одржи седница во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
На седницата Советот се очекува да расправа и донесе одлука за продолжување на вонредната состојба во земјата за справување со пандемијата на Ковид-19, откако вчера Владата на 41. седница реши да достави заклучок до претседателот дека е потребна вонредна состојба за успешно справување со кризата.
На седницата, како што соопшти кабиентот на шефот на државата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Пендаровски, ќе присуствуваат и вицепремиерот задолжен за европски прашања и национален координатор за странска помош, Бујар Османи, и министерот за здравство, Венко Филипче.
По завршувањето на седницата, претседателот Пендаровски ќе даде изјава за јавноста, која ќе биде пренесувана на фејсбук-страницата на претседателот и на неговиот јутјуб-канал.