Дизелот и Екстра лесното гориво освен разликата во акцизата и цената се разликуваат и во техничките карактеристики кои се однесуваат на нивната чистота и согорување.
Додека од пониската акциза на Екстра лесното гориво што се троши како дизел за транспорт државата губи повеќе од 11 денари по литар, при согорувањето екстра лесното загадува 100 пати повеќе од дизелот, бидејќи содржи 100 пати повеќе сулфур на еден литар гориво.
Статистиката покажува дека годишно во нашата држава се трошат 50 милиони литри ЕЛ-1, додека за да се задоволат годишните потреби на домаќинствата потребни се не повеќе од 5 милиони литри.
Тоа што Стопанската комора го покрена како проблем со пресметките од Светска банка дека околу 90 проценти од Екстра лесното гориво на нашиот пазар завршува како гориво за транспорт, го потврди и првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски.
– За изедначувањето на акцизата на Екстра лесното гориво со дизелот РКЕ имајќи ги во предвид податоците, но и голем број на дојави за злоупотреба на ЕЛ кое понекогаш се користи како дизел гориво, а акцизата е многу ниска и на тој начин се намалуваат приходите во буџетот на државата и со тоа се оштетуваат сите граѓани, апсолутно ја поддржуваме оваа мерка, имајќи во предвид и еколошкиот аспект дека ЕЛ гориво е со далеку полош квалитет во однос на дизелот, изјави Бислимовски.
Изедначувањето на акцизата на црвената нафта и дизелот, освен поголеми приходи во буџетот, според пресметките на Стопанската комора може да резултира и со намалување на емисијата на сулфур во воздухот за 100 пати од 50 илјади килограми, на 500 килограми на годишно ниво.
Количеството на сулфур се однесува на тоа колку горивото загадува при согорување. Повеќе сулфур, повеќе загадување на животната средина.
Дизелот што се продава на бензиските станици во нашата држава мора да ги исполнува минимум Еуро 5 нормите за издувни гасови кои се пропишани со македонскиот стандард МКС ЕН 590, односно не смее да содржат повеќе од 10 милиграми сулфур на килограм, додека Екстра лесното – 1 гориво, што е наменето за домаќинства и индустрија и има црвена боја не смее да содржи над 0,1 % м/м сулфур што е еквивалент на 1 000 милиграми на килограм.
Разликата во дозволеното количество сулфур меѓу дизелот и екстра лесното гориво е 100 пати.