Почина композиторот Томе Манчев

Од:

Синоќа ненадејно почина истакнатиот македонски композитор проф. д-р Томе Манчев, соопшти денеска Сојузот на композитори на Македонија.

Томе Манчев беше истакнат композитор, педагог, музички писател, истражувач и општествен деец.

Роден е во 1950 година и беше еден од најистакнатите претставници на македонската музика од преминот меѓу 20-тиот и 21-виот век. Автор е на обемен творечки опус кој се распростира на речиси сите музички жанри, но главниот белег го остави во оркестарското творештво. Благодарение на своите темелни и систематски студии во Македонија (Властимир Николовски) и во странство (Чешка – J. Дворжачек и Ј. Церемуга и Бугарија – Д. Сагаев) внимателно ги изучи и истражи техниките на компонирање и оркестирање на дваесеттиот век што, натаму, најде одраз во неговите многубројни оркестарски композиции. Резултираше, исто така, со неговиот докторат по уметнички науки втор степен со наслов: ,,Движењето суштински елемент кај симфониското творештво”. Како најкарактеристични и најмаркантни дела треба да се спомнат „Симфонија – Реквием“ (2001-04), „Егзодус -2001“ (2001), Симфонијата број 2 „Паганофонија“ (1986-87), Кантатата „Татковина“ (1987), композицијата „Стара песна – концертни сцени“ за симфониски оркестар (нарачка од Македонската филхармонија по повод 50 години од формирањето, 1994), Песна и Танец (2000) и тн.

Во сите овие дела Томе Манчев демонстрирал виртуозно владеење на оркестарската техника во манирот на највисоките дострели на полската композиторска школа на дваесеттиот век (Лутославски), комбинирано со силната експресивност што многу често извира од архаичните или поновите слоеви на македонската музичка почва и му дава на неговиот композиторски јазик автентичен личен белег. Сите овие карактеристики на посебен начин се чувствуваат и во неговите многубројни камерни и солистички дела во кои најчесто користи релативно модерни изразни средства (во смисла на музичката модерна на дваесеттиот век). Делата на композиторот д-р Томе Манчев се изведени на повеќе манифестации и концерти во Македонија и во светот.

Томе Манчев беше долгогодишен активен член на Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ. Добитник е неколкупати на наградата „Панче Пешев“ во 2002, 1996 и 1989 за најдобро македонско дело во претходната година како и на наградата „Трајко Прокопиев“ за 2009 година, која СОКОМ ја доделува на композитори и музиколози за животно дело.

Томе Манчев до неодамна беше професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, благодарение на што неговиот изграден творечки опит е пренесен на низа помлади македонски композитори, од кои некои веќе се носители на современиот музички живот кај нас. За своите композиторски и педагошки дострели Томе Манчев е добитник на повеќе стручни и општествени признанија меѓу кои за животно дело од областа на музичката педагогија за 2014.та година од здружението на музичките и балетските педагози на Република Македонија, од Собранието на Републичката заедница на култура во 1989та година за делото Симфонија бр.2 – Паганофонија за симфониски оркестар и солист баритон, како и повеќе награди на „Хорските тетовски одѕиви“ и „Хорските смотри“ во Кавадарци за повеќе хорски дела.

Погребот на професор д-р Томе Манчев ќе се одржи утре во неговиот роден град Гевгелија.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Почина американскиот водител на ток-шоу Џери Спрингер

Ана Ололовска

Почина специјалист ортопед Иван Рамбабов

Ана Ололовска

Почина Рјуичи Сакамото, познат јапонски композитор и продуцент

Ана Ололовска

Комеморација за Димче Мешковски во Драмски

Ана Ололовска

Почина македонскиот актер Димче Мешковски

Горан Наумовски

Почина др. Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники

Горан Наумовски