Кипарската Централна банка по неколку месеци ќе ја соопшти својата конечна одлука за тоа со колку проценти ќе бидат оданочени необезбедените депозити над 100.000 евра во Банката на Кипар, пренесоа руските медиуми.
На крајот на минатата недела претставници на Централната банка ветија дека на почетокот на оваа недела ќе ги соопштат точните податоци за оданочувањето на депозитите, за конечно да заврши неизвесноста и да се нормализира ситуацијата во банкарскиот сектор на островот.
Синоќа, меѓутоа, Централната банка објасни дека во согласност со постигнатиот договор од 25 март меѓу владата на Кипар и Еврогрупата, 37,5 отсто од неосигурените депозити уште неделава ќе бидат заменети во акции од А класа, а уште 22,5 проценти подоцна ќе се конвертираат во акции.
Одлуката за тоа ќе се донесе во рок од 90 дена, по оценката дадена од независен ревизор за активите и обврските на Банката на Кипар, која треба да заврши до крајот на јуни.
Останатите 40 отсто од депозитите се замрзнуваат до нормализирањето на ситуацијата во Банката на Кипар, додаваат руските медиуми.