Во Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба поради коронавирус, празни се улиците и селските сокачиња.
Тишината ја нарушуваат само полициските возила и многу ретко граѓанин кој има неопходна потреба од лекарска услуга.
Тишината која, сега е поизразена, поради продолжениот полициски час, почна уште кога беше прогласена кризна состојба на 13 март, кога самоницијативно сопствениците на кафулиња, интернет клубови, бербернци, фризеници ставија клуч на врата на објектите.
Тука, дома, како што знаат да кажат жителите од општина Центар Жупа, се малку по број, неколкупати повеќе се низ светот, најмногу во Италија. Токму од италјанскиот град Бреша, каде што биле во посета на децата, пристигнаа и сопружниците од селото Баланци, кои беа и првозаразените. Жената беше втора жртва од коронавирус.
Градоначалниците на двете општини, Хекуран Дука,на Дебар и Аријан Ибраим на Центар Жупа, денеска им се заблагодарија на своите граѓани за нивното совесно однесување, зашто во последните 24 часа не е регистриран никаков прекршок.
Тие апелираат граѓаните да продолжат со строго почитување на мерките и препораките зашто само на тој начин,како што велат „ ќе може да го победиме невидливиот непријател“.
Позитивни на „Ковид-19“ во двете општини се 46 лица, од нив двајца починати.