Безбедносната состојба на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, е стабилна. Полицискиот час во Дебар не го почитувале три лица.
Од МВР информираат дека полицијата непречено ги реализира мото-патролите и дека не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места и нема нарушувања на јавниот ред и мир.
– На терен, без проблем се одвиваат активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Изминатово деноноќие, во периодот од 21 до 5 часот, поради непочитување на ограничувањето на движењето на граѓаните, со цел доследно спроведување на мерките за ограничено движење за време на полицискиот час и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус Ковид-19, приведени и лишени од слобода се три лица во Дебар и против нив ќе бидат поднесени кривични пријави, се наведува во соопштението на полицијата.
Според МВР, во кризното подрачје без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.
– Сите правни лица кои вршат дотур треба да се најават во Кризниот штаб на фиксниот телефон 046/831 051 по што, нивните возила со полициска придружба ќе бидат спроведени до соодветните трговски објекти. Потсетуваме дека влезот е дозволен само на лица кои се жители на општините, а истовремено е оневозможен, односно строго е забранет излезот на сите граѓани затекнати на подрачјето на двете општини, информираат од МВР
Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.