Над 140 лица од Кочани се во самоизолација како мерка за заштита и превенција на коронавирусот од земјите со висок и среден ризик.
Според информацијата од општинските власти ова се лица кои се вратиле од Италија и од Малта, но имало и студенти кои патувале од Бугарија и од други земји во регионот.
„Според ОВР – Кочани, триесетина се од населените места, а останатите се од градот. Веројатноста нивниот број континуирано да расте е реална. Градоначалникот на општината, Николчо Илијев, повика да се почитува мерката на Владата, со која се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и површини“, информираат службите од Општината.
Поради тоа, Илијев упатил повик и до сопствениците на кафематите времено да ги затворат овие апарати поставени на локации низ градот. На тој начин ќе се избегне можноста за собирање луѓе во поголема група. Овој повик важи и за маалските продавници кои едновремено се користат и како места за консумирање пијалоци и собиралишта на луѓе.
Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски информира дека во Општина Штип бројката на лица кои се во самоизолација достигнала 108 лица. Тој очекува дека во текот на денот ќе има сошиени маски од страна на двете текстилни компании кои почнаа да шијат од вчера. Овие маски ќе можат да бидат поделени на здравствени работници во Штип, на полицијата, текстилните работнички, а дел ќе бидат испратени во Министерството за здравство во Скопје.
„Во текот на денот ќе ги посетам фабриките кои започнаа да шијат маски и се надевам дека ќе имаме и доволна количина да поделиме таму каде што недостига. Првично ќе бидат поделени на здравствените работници во општата болница во Штип, на полициските припадници, на работниците. Во Штип граѓаните се однесуваат совесно, ги следат препораките на лекарите и состојбата е под контрола“, информира Бочварски.
Девојчето кое се врати од Англија со симптоми на коронавирус е во стабилна состојба, информира тој, а се очекува да пристигнат и резултатите од тестовите од нејзините блиски, кои биле свесни за ситуацијата и се самоизолирале.
Во Општина Виница 55 лица се во самоизолација. Според градоначалникот на оваа општина се очекува оваа бројка да се зголемува затоа што се уште не е утврдено колку точно лица се вратиле ризичните подраја од Италија, каде што жители од Виница се на привримена работа.
„Од граничната полиција евидентирани се 30 лица кои се влезени во државата и на нив им се изречени мерки за самоизолација. Имаме дополнително 22 лица, кои сами се пријавиле или биле пријавени од граѓни и тие се во домашна изолација. Не можеме да бидеме сигурни дека сите кои се вратиле од странство се пријавиле, но се надеваме дека полицијата и надлежните институции ќе си ја вршат работата и доколку има такви лица ќе бидат ставени во изолација или подложени на тестирање. Имаме дојава од граѓани две лица не ги почитувале мерките за самоизолација, пријавено е и надлежните од МВР ќе постапат согласно своите надлежности“, вели градоначалникот Ивица Димитров на Виница.
Тој ги повика жителите кои се повратници од странство да се пријават со цел превенција од ширење на коронавирусот.