Научен панел составен од епидемилози и виролози од денеска почнува со работа за да и помогне на Европската комисија да формулира препораки и мерки за справување со коронавирусот во земјите членки, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Со панелот ќе претседава претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, а ќе ко-претседава еврокомесарката за здравство, Стела Кириакидес. Во панелот членуваат седуммина експерти од шест земји членки на ЕУ, но членуваат независно од земјата од која доаѓаат.
Целта на панелот е да ги анализира ризиците и развојот на пандемијата дневно и потоа да предлага мерки за ЕУ во целост како и индивидуални земји членки.
Панелот треба, исто така, да помогне да се идентификуваат и намалат разликите во одговорот на пандемијата помеѓу земјите членки, и да помогне во координацијата на здравствените системи ширум ЕУ.
Едно од прашањата што се поставува за експертите на панелот, и за кое јавноста очекува одговор, е односот на ЕУ кон тестирањето за коронавирусот. Европа, за разлика од Јужна Кореа, тестира само тешки случаи, со симптоми или кои доаѓаат од ризични подрачја.
Бројни експерти порачуваат дека треба да се смени овој пристап и да се присвои јужнокорејскиот систем, затоа што тоа би овозможило побрзо справување со вирусот и намалување на бројот на случаи.
Од портпаролската служба на Европската комисија денеска изјавија дека е можно денеска веќе панелот да даде одговор на ова прашање.
-Коронавирусот брзо ги менува нашите животи и општества. Сите влади треба да преземат добро информирани и соодветни одлуки за европскиот народ секој ден, затоа научната експертиза е добар совет се повредни од било кога, изјави претседателката Фон дер Лајен, заблагодарувајќи и се на научната заедница.
Членовите на панелот ќе се состануваат виртуелно два пати неделно најмалку, првиот состанок се одржува денеска.