„Во услови на опасна пандемија на корона вирусот, во услови на немоќен здравствен систем кај нас, во услови кога Европа ги затвора границите, крајно несериозно и опасно е да се изведува масовната изборна операција. Изборите не смеат да бидат поважни од животите на граѓаните. Наместо масовна операција избори, треба да имаме масовно, бесплатно тестирање на населението за корона вирус и обезбедување на ефикасна изолација. Типично за овој смртоносен вирус е дека нема лек, а единствен начин е да се спречи неговото ширење.
Никаква алтернативна кампања која се најавува нема да го спречи ширењето на вирусот. Само состаноците по штабовите кои ќе мора да ги има, ќе бидат опасност сама по себе“, се вели во соопштението на Глас за Македонија.
„Изборниот ден, ќе се претвори во масовна катастрофа за населението. Ние и сега немаме соодветна заштита во ниту една аптека.
Не смее да се дозволи “султани“ да одлучуваат и за ова прашање, како впрочем за се во државата. Министерството за здравство мора да има целосна одговорност за заштитата на здравјето на граѓаните.
Наместо бавење со реклами и плакати, целокупната политика треба да се насочи кон функционирање на државата во вакви вонредни услови. На младите да им се обезбеди учење на далечина, бесплатен интернет, да им се помогне на фирмите да продаваат преку интернет, на луѓето над 70 години да им се обезбеди доставување на храна во нивните домови, во сите регионални болници да се отворат инфективни одделенија, да им се наложи на нашите фармацевтски фабрики да произведуваат средства за дезинфекција и да ги доставуваат во секоја аптека, да се набават уште респиратори во болниците, да се контролираат толпите на млади кои од кафулињата се преселија во парковите и многу други мерки кон кои треба итно да се насочат сите ресурси.
Партијата “Глас за Македонија“ прва од сите партии ги предаде своите кандидатски листи и е спремна за избори. Затоа нашето барање не смее да се толкува како “бегање“ од избори како што се обвинуваат меѓу себе двете големи партии. Нивните меѓусебни обвинувања ги сметаме за примитивни и неодговорни. Се работи за тоа, дали политичарите имаат општествена одговорност, или тесно партиските интереси им се поважни од животот на граѓаните.
Време е за сериозна одлука, без меѓусебни обвинувања. Народот ќе верува само на такви политичари кои ќе знаат да го заштитат во време на голема опасност.
Време е за изнаоѓање на решенија кои ќе дозволат функционирање на најважните системи во општеството во ваква сериозна ситуација која никој не можеше да ја предвиди“, соопштуваат од Глас за Македонија.