Во отвореното писмо до премиерот Никола Груевски, Ерол Ризаов од „Утрински весник“, го прашува зошто молчи за смртта на Никола Младенов. Ризаов е зачуден зошто ниту премиерот, ниту некој од власта досега не изразил жалење и сочувство за загубата на новинарот.
Писмото ви го пренесуваме во целост.
„И по десет дена, нема ниту една релевантна информација од надлежен државен орган за смртта на Никола Младенов
Почитуван премиере господин Груевски, деновиве Ве гледаме сите нонстоп колку сте презафатен со изборната кампања во вториот круг на комуналните избори, но верувам дека меѓу две тури кампања сте слушнале дека загина Никола Младенов, познат македонски новинар, уредник и сопственик на дневниот весник и на неделникот „Фокус“, кого и лично го познававте и од кого се одушевувавте кога бевте лидер на опозицијата. Младенов замина од овој свет пред десет дена по сообраќајна несреќа во се’ уште неразјаснети околности за јавноста. Неговите и наши, а некогаш и ваши омилени весници веќе неколку дена не излегуваат. Сигурно тоа сте го забележале со големо жалење иако до овој миг кога јавно ви се обраќам немаше ниту една реченица од надлежен државен орган, ниту една информација од релевантен извор за тоа што се случи кобната вечер на клучката кај Хиподром, како и зошто го загуби животот Никола Младенов. Немаше ниеден збор, ниедна буква јавно изречени ниту од Вас, ниту од вашите министри, ниту од претседателот на државата и целиот државен врв.
Не слушнавме ниту сочувство, или жалење за трагичниот настан, ниту заложба за ефикасна и брза истрага. Јавноста во Македонија уште не го виде ниту запозна истражниот судија. Дури вчера додека го пишував текстот во јавноста се огласи со куса изјава министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. Овој пат штуро со немушт јазик само ни соопшти дека МВР нема да излегува со информации за овој случај, бидејќи истрагата ја води истражен судија. Министерката ја удостои јавноста да каже дека дури вчера се завршени крим-техничките вештачења кои во текот на вчерашниот ден ќе му бидат доставени на истражниот судија. И за многу други настани имало истражни судии, па министерката не им ги препуштала нив изјавите за јавноста, туку надолго и нашироко појаснувала за големата ефикасност на полицијата. Сега Јанкулоска не’ повикува сите прашања за загинувањето на Младенов да му ги поставиме на истражниот судија откако таа дури по десет дена за вчера најави дека ќе му ја достави полициската истрага.
Ви се обраќам Вам, премиере, јавно со прашање зошто и по десет дена молчи истрагата за смртта на Младенов и зошто молчат сите надлежни институции на системот и одговорни личности од кои повеќето се под директна јурисдикција на Владата и имаат законска обврска да ја информираат навремено јавноста за тоа што е од општ интерес. Нивното молчење во овие денови го доживувам како соучесништво во загинувањето на Младенов. Вистината за смртта на познат новинар кој критички ја опсервира работата на сите власти и центри на моќ, секако, претставува општ интерес. Почитуван премиере, јавноста во Македонија мора да ја дознае вистината како и зошто загина Никола Младенов. Се разбира, доколку функционираа ефикасно институциите на системот и си ја работеа својата работа, би било недолично да Ви се обраќам Вам. Но, кога не функционираат надлежните институции на системот или кога е очигледна блокадата на информациите од еден центар, што е типична последица на еден авторитарен режим, кога ни по десет дена нема основна информација за еден трагичен настан и еден ненадејно прекинат млад живот, тогаш сите адреси водат до еден човек, до Вас господине претседател на македонската Влада. Премиере, дали сте помислиле зошто веќе поодамна граѓаните на оваа држава својата правда и маката не ги бараат во судовите, не ги кажуваат во медиумите, не одат во соодветните установи, туку доаѓаат директно кај Вас и во седиштето на вашата партија да си ги остварат правата. Дали е тоа само поради големата доверба што ја имаат во Вас или веќе знаат дека таму се суди, таму се наоѓа работа, таму се гласа и избира, таму се прават пари и бизнис, таму се успева…
Почитуван премиере, ќе се согласите дека ако надлежните органи не си ја вршат ефикасно работата, тоа директно оди на штета на државата. Тоа ја отвора вратата на сомнежи дека некој сака нешто да прикрие. Одолговлекувањето на истрагата која може да заврши успешно за два дена практично поттикнува најразлични шпекулации и приватни истраги. На тој начин сомнежите и мистеријата ја произведуваат надлежните служби, најмногу со неефикасната и бавна истрага. Од друга страна, мошне е забележливо нервозното реагирање на вашите апологетски медиуми и новинари кои жестоко се нафрлаат на секој што ќе постави прашање за смртта на Никола Младенов. Големо вчудовидување предизвика истрага на новинар кој по четири дена од несреќата, дошол на местото на настанот и по сите овие дождови и ветришта ги нашол недопрени фискалните сметки од патарината, што ги заборавила или не ги открила истрагата. Истиот весник ни откри дека саатниците на сметките кажувале дека Младенов таа вечер бесцелно вртел кругови на релација Велес – Скопје за да се издува, за по два дена да открие дека се задржал во Велес повеќе од половина час. Утре очекуваме ќе ни откријат, најверојатно, и со кого се видел и разговарал Младенов на тајната средба. Други новинари ни открија дека мистично исчезнал мобилниот телефон на Никола Младенов, веројатно клучен доказ за она што навистина се случило, итн. А што откри истрагата на државните органи уште не знаеме.
Почитуван премиере, и Ваша должност е да се заложите енергично да прекине веднаш оваа крајно штетна и срамна непрофесионалност и аматеризам на владини институции и на други надлежни владини служби за вештачење во вакви трагични ситуации. Тоа е погубно за угледот на државата, полицијата и на целиот правен и судски систем“.