Претседателските привилегии на Иванов и Црвенковски се најдоа пред Уставниот суд

Од:

Уставниот суд денеска ќе расправа по иницијативата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во врска со привилегиите што ги уживаат поранешните претседатели на државата. Тие се регулирани со Законот за правата на претседателот и неговото семејство по престанување на функцијата, а Антикорупциската комисија побара да се преиспита уставноста овој закон, поради бројните привилегии кои му следуваат на шефот на државата откако ќе му заврши мандатот.

Ова прашање се покрена по претседателските избори минатата година, кога на поранешниот претседател Ѓорге Иванов му заврши мандатот, а беше обелоденето дека тој на државен трошок закупил деловен простор за 1.950 евра месечно.

Антикорупциската комисија го отвори овој случај и беше заклучено дека согласно Законот тој има право на канцелариски простор, но не е прецизирано дека тој простор треба да се закупи по претходна постапка за избор по најповолна цена, со што практично му се дава можност тој да ги изнајми најскапите канцеларии и тоа од свои блиски лица и така да им овозможи да се стекнат со финансиска корист.

„Со начинот на кој е дефиниран членот 4 од Законот, не е исклучена можноста на поранешните претседатели да им се обезбедува канцелариски простор кој што е во сопственост на државата без при тоа да се плаќа закупнина“, изјавија од Антикорупциската комисија.

Согласно постојниот закон, покрај месечните закупнини за канцелариски простор, за поранешниот претседател се подмируваат и следните трошоци: плати за три стручни лица кои се обезбедуваат од буџетот; комунални трошоци за надомест на електрична енергија, вода, топлинска енергија, и ѓубретарина; службено возило и возач, одржување на возилото при СОЗР; услуги кои се однесуваат на одржување на хигиена, тековно одржување на објектот како и набавка на потребниот канцелариски материјал.

Никаде не е како во Македонија

Македонија е една од ретките држави каде поранешните претседатели (во случајов Ѓорге Иванов и Бранко Црвенковски) уживаат привилегии од највисок степен. Во регионот не може да се најде ниту една држава на доживотни привилегии и трошење на значителни буџетски средства за претседател. Па така во Црна Гора привилегиите се користат 5 години, исто како и во Хрватска, во Србија максимум 6 месеци, додека поранешниот претседател не се вработи или не ги исполни условите за пензија, а во Словенија е максимум една година.


„Во изминатите 10 години од Буџетот на РСМ, за кирии, комуналии, службено возило, исплатени се 67.070.739 денари или 1.090.581 евро. Тука не се пресметани трошоците за пензијата“, беше заклучокот на Антикорупциската комисија.

Според членот 3 од постојниот закон, поранешниот претседател има право на претседателска плата од првиот месец на претседателскиот мандат до крајот на животот.

„За него не важат условите за пензионирање предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа е тешка повреда на уставното начело за еднаквост на граѓаните пред законот“, велат од комисијата.

Освен тоа, ако претседателот, на пример, поради здравствени причини не може да ја врши функцијата, нему ќе му следуваат истите привилегии до крајот на животот, независно дали функцијата ја обавувал еден ден или подолго време.

Но, освен поранешниот претседател, привилегии има и неговото семејство, ако во текот на мандатот претседателот почине. Овие одредби не се случајни, имајќи предвид дека Законот беше донесен во 2004 година непосредно по авионската несреќата кај Мостар, во која загина тогашниот претседател Борис Трајковски, па голем дел од одредбите почнуваат со зборовите „во случај на смрт“. Законот беше дополнет во 2006 и во 2007 година.

Во случај на смрт, неговиот брачен другар и малолетните деца до наполнети 26 години возраст имаат право на претседателска пензија намалена за 30 отсто.  Нивната пензија е поголема од пензиите на другите граѓани предвидени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Секој месец, сопругата или сопругот на поранешниот претседател имаат право на паричен надоместок во износ на претседателската плата. Право на таков надоместок имаат и малолетните деца на починатиот претседател ако немаат друг родител. Тоа право го користат до завршување на редовното школување односно до наполнување на 26 години возраст. Децата на починатиот претседател имаат право и на стипендија за школување во земјата и странство до наполнети 26 години возраст.

Или Собранието да ги ограничи привилегиите или Уставниот суд да ги укине/поништи

Дел од правните експерти веќе го изнесоа ставот дека законот треба да се исклучи од правниот поредок, а во оптек беа две опции: или Собранието со закон да го ограничи времетраењето на привилегиите на бившите претседатели или Уставниот суд да го поништи или укине.

Актуелниот претседател Стево Пендаровски по доаѓањето на функцијата веќе изјави дека нема ги користи привилегиите што ги овозможува Законот и дека по завршувањето на мандатот ќе се врати на професорска работа, а ќе побара да користи само една канцеларија во некоја од државните институции, каде како поранешен претседател би ги извршувал протоколарните активности.

Уставниот суд во однос на иницијативата ќе расправа денеска во 9.30 часот.

Би можело да ве интересира

Антикорупциска повторно реагира за назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители: Законите важат подеднакво за сите

Уставниот суд поведе постапка за Законот за данок на солидарност

Горан Наумовски

Законот за данок за солидарност на дневен ред на Уставниот суд

Катерина Ѓуровски

Уставниот суд ја укина забраната за вршење верски обреди во објектите на македонската армија

А1он

Постапката пред Антикорупциска за случајот на Христовски не може да е причина за неактивност на други институции реагираат од Комисијата

Меџити: Законот за правична застапеност ќе биде во духот на тоа што нема да му се даде можност на Уставниот во иднина да укинува закони само со просто мнозинство