Поранешниот министер за здравство, Владимир Димов, актуелен медицински директор во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, во интервју за „А1он“ направи споредба на паниката кај граѓаните предизвикана од коронавирусот и паниката во 2005 година предизвикана од птичјиот грип, која тој како министер беше задолжен да ја намали.
Димов вели дека птичјиот грип кај нас бил преценет, а за коронавирусот смета дека треба сериозно да се сфати и ниту да се преценува ниту да се потценува. Повика на високо ниво на лична свест кај сите што доаѓаат од ризични региони за кои е задолжителна апсолутна самоизолација, а од искуството со птичјиот грип има препораки за однесувањето на сите други.
„Другите мерки што се препорачуваат се општи – да се мијат рацете многу повеќе од вообичаено, да се избегнуваат нашите традиционални прегрнувања, бакнувања при поздравување, затоа што колку и да изгледаат дека можеби се тривијални кога ги слушате, тоа е сепак еден начин да се избегне директен контакт“, вели Димов и нагласува дека коронавирусот во споредба со птичјиот грип има поголем потенцијал на пренесување.
Според бројот на случаи, Димов цени дека вирусот во Македонија е во почетна фаза и вели дека сосема очекувано е да се појават нови заразени, а во зависност од тоа колку ќе се разбуди свеста и колку ќе се почитуваат правилата за заштита, толку полесно ќе се справиме со вирусот.
Изолација и при најмал сомнеж, советува Димов, истовремено со почитување на основните хигиенски мерки и препораки од здравствените власти. Не го оправдува однесувањето на директорката на Клиниката за дерматологија, која заразена со коронавирус пет дена одела на работа, но претпоставува дека таа се раководела од ставот – „тоа мене не може да ми се случи“, па затоа повикува граѓаните да не играат руски рулет со коронавирусот.
„Не сакам никого да обвинувам или да бранам, здравствените работници имаат поголема одговорност отколку што имаат другите и тоа треба да го покажат со личен пример. Јас сум за тоа да извлечеме корисна препорака, тоа не било намерно, претпоставувам дека било: ’мене тоа не може да ми се случи’, и да не постапуваат по овој пример, па да играме руски рулет и на крајот да не знаеме што ќе биде. Кога сте изложени во некоја ситуација која може да биде опасност, треба да бидете дисциплинирани и да се изолирате“, вели Димов.
Тој смета дека затворањето на училиштата е соодветна мерка да се намали контактот меѓу децата, со што се намалува и ризикот од ширење на вирусот. Место ширење паника, Димов ги повика граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од вирусот што ги даваат здравствените власти и смета дека и за овој вирус ќе има решение како што имало и за многу други, како што се вариола вера, ебола, птичји грип…