Откорнатата фасада од 11 милиони евра на зградата на АД МЕПСО повторно ги отвори прашањата за безбедноста на објектите не само од надворешни оштетувања туку и од пожар. Петар Николовски, инженер архитект, кој речиси поливна век се занимава со енергетска ефикасност, вели дека неговите обиди да алармира за опасноста од пожари во објектите од „Скопје 2014“ е како борба со ветерници.
„Сите објекти што се во проектот ‘Скопје 2014’, на кои примарната функција на фасадите не им е топлинска изолација како овие внатрешни ѕидови, каде што паднала фасадата, но им е декоративна, инсуинација на некакви барокни, неокласицистички стилови со тие фасадни облоги, се многу опасни од противпожарен аспект. Тоа значи материјал што гори, без никаква противпожарна заштита, зад него стои еден воздушен простор, кој во случај на пожар дејствува како оџак за ширење на пожарот кон горните катови. Тоа е буре барут, не дај боже да видиме во пракса како изгледа. Јас често знам да кажам дека сум Дон Кихот, се борам со ветерници. Се обидував на некои компетентни лица од Владата да им укажам на овие работи, но не добив одговор“, вели Николовски.
Тој како примери за опасноста од пожар го наведува искуството во Баку, Азербејџан, каде што се случија пожари во згради со обновнени фасади поради евровизискиот натпревар, со многу жртви поради што државата донела одлука да се демонтираат од објектите облогите што горат.
Од Владата не одогворија на прашањата дали размислуваат за демонтирање на опасните стиропорни фасади. Справување со проектот „Скопје 2014“ најави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, но по изборите.
За откорнувањето на фасадата на МЕПСО, Николовски вели дека пресудни биле лепилото и несоодветно поставените анкери, кои треба да го прицврстат стиропорот за ѕидот.
„Една забелешка е што паднала фасадата, тука нема дилема, но колку што можев да видам од оскудните фотографии, лепилото што е ставано некаде е точкесто, а некаде нема ни трага од него на фасадата што останала без стиропор. Тука не е применето некој принцип. Кога се изолираат старите фасади, мора да има подготовка на површините за да не се случи ова. Старите фасади треба, пред сè, да се обеспрашат, со миење, со шприцање вода, да се нанаесе таканаречен прајмер, односно основен премаз, кој ќе даде компатибилност на лепилото од стиропорот и подлогата на ѕидот и, второ, да се користи квалитетно лепило. Очигледно овде има некаква грешка во лепилото. Лепилото нема никаква врска со ѕидот, очигледно е оти отпаднала целата фасада, но имам и друга забелешка. Во системот се предвидуваат и дополнителни анкери, кои се многу важни, особено при изолирање постојни фасади. Овде гледаме дека нема трага од такви анкери или има, но заедно со системот се паднати на земјата. Значи, има нешто дефектно и во механичкото прицврстување. Во документите што се од европската регулатива се предвидени точни шеми на нанесување на тие анкери, овде не гледам никаква шема“, вели Николовски.
Тој има забелешки и за фасадата во делот што не е откорнат, но има отворено фуги за кои вели дека само ќе се зголемуваат. Пукнатините се на декоративните елементи над столбовите.
„Тука се работи за декоративни елементи, направени, најверојатно, од стиропор, дали екструдиран или експандиран или полиуретан – не е важно, но мора да се знае дека природата на секој материјал, конкретно на стиропорот, е таа тој со време полека да ги контрахира, да ги собира сите свои три димензии и ова е неминовно да се појави, дали по година дена, две или пет-шест месеци, фугите се природно својство на стиропорот“, објаснува Николовски.
Делот од фасадата на МЕПСО што е останат, Николовски смета дека треба да се испита дали при следниот налет на ветрот ќе издржи и препорачува целосна замена на фасадата доколку има и мал сомнеж за неиздржливост.
Минатата недела генералната директорка на МЕПСО, Ева Шуклева, рече дека на фасадата има делови што и без ветар може да се урнат, а најави и внатрешна ревизија, која треба да утврди што презел изведувачот на фасадата во согласност со договорот од 2013 година.
Николовски смета дека одговорност треба да се бара не само од изведувачот туку и од сите што биле ангажирани за фасадата.
„Нема да ми забележат колегите проектанти, но јас би тргнал, пред сè, од проектот. Кога се прави проект за една ваква фасадна изолација, особено за објекти како што е МЕПСО, тука мора да им се дадат сите детали, т.е. упатства на изведувачите, како се изведува таа фасада, тоа е едно. Второ, при изборот на изведувачот, обично тоа се некои партнери, кооперанти на главниот изведувач, кои ја изведуваат фасадата. Притоа треба да се има на ум дека во интерес на инвеститорот, во случајов во интерес на МЕПСО, било потребно надзорен орган, кој треба да ја познава целата оваа материја и да даде забелешки уште на почетокот ако сето тоа не е спроведено како што е предвидено. И, најпосле, кои работници ја изведувале, какви квалификации имаат, ама не какави било, туку во поглед на изведба на овој систем на фасадна изолација“, вели Николовски.
Фасадата на МЕПСО ја изведе „Бетон Штип“, компанија за која по барање на доверителите е отворена стечајна постапка во јули минатата година. Директорката Шуклева рече дека токму поради пропусти во изградбата, била активирана банкарската гаранција пред фирмата да оди во стечај.