Техничкиот премиер, Оливер Спасовски смета дека Извештајот на Европската комисија е феноменален, бидејќи се потврдени напорите на Северна Македонија во спроведувањето на реформите. Извештајот е фокусиран на судските реформи, судењата на висока корупција заедно со случајот со СЈО, безбедносните и реформите во јавната администрација. Токму овој извештај е основата врз која земјите членки на ЕУ ќе олучат дали ќе одобрат почеток на пристапни преговори.
„Извештајот на Европската комисија е феноменален, како на друг начин да го искоментирам. Ги потврдува напорите на Владата, каде децидно стои дека се зајакнати напорите во спроведувањето на реформите. Дадени се најпозитивни оценки за Северна Македонија. Преземени се сите мерки кои требаше да бидат преземени во реформскиот процес и очекувам час поскоро да ги почнеме преговорите со Европската Унија“, смета Спасовски.
Според него, по педесет години транзиција, очекува граѓаните да го добијат она што го заслужуваат а тоа е почеток на преговорите со Европската Унија.
„Денеска, кога сите земји членки на ЕУ укажуваат дека е направено се што треба да биде направено, логично е да очекувам да ги отпочнеме проговорите со ЕУ“, додава Спасовски.
Документот од Европската комисија заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Македонија.