КСМ: Во соработка со УЈП се следат состојбите за ДБ, ако има потреба ќе се пролонгираат роковите

Од:

Комората на сметководители на Македонија неделава испрати допис до Управата за јавни приходи (УЈП) за пролонгирање на рокот за поднесок на годишната сметка и даночен биланс (ДБ) за 2020 година, заради доцна објавениот образец за ДБ од страна на Министерството за финансии, соопштија на денешната прес-конференција од Комората.

Потоа, како што додадоа, од УЈП добиле известување дека ќе се разгледаат сите можности за пролонгирање на рокот и оти состојбата се следи за да не настанат проблеми од ненавремено поднесување.

Комората од УЈП бара одлагање на крајниот рок за поднесок на извештаите Даночен биланс, Даночен биланс за вкупен приход, Годишниот даночен биланс –ДЛД ДБ и Билнас на приходи – Б и одлагање на крајниот рок за поднесок на годишната сметка до Централен регистар до 31 март без разлика на начинот на кој е поднесена годишната сметка, електронски или хартиено.

Моментално, рокот за поднесување е до 15 март ако завршната сметка се поднесува електронски и 29 февруари доколку се поднесува хартиено.

Благоја Грозданов, член на Управниот одбор на Комората на сметководители истакна дека за споредба во соседните земји, Бугарија и Србија извештаите се поднесуваат до 30 јуни, во Хрватска до 30 април, во Германија до 31 март за средните и големи ентитети и 30 јуни за малите и микро претпријатијата, а Франција и Шведска до 31 јули.

Тој додаде оти во соработка со надлежните институции потребно е и во иднина да се разгледа законското одложување на крајниот рок за поднесок на годишните сметки.

– Доколку долгорочно се прифати предлогот на Комората и се пролонгира законскиот рок за поднесок на даночни биланси ќе се избегне ситуација на работа под екстремен притисок и ќе се зголеми квалитетот на даночното и финансиското известување, потенцира Грозданов.

Како што истакна Александра Андреева, член на УО на Комората на сметководители, неопходно е уредување на целокупниот даночен систем со цел зголемување на ефикасноста и ефективноста во работењето.

– Сметководителите неретко се соочуваат со уште еден проблем, а тоа е неусогласени финансиски картици за даночен долг. Се случува нашите коминтенти да добијат опомена за неплатен долг, дури и решение за присилна наплата на средствата, за долг кој според нашите евиденции воопшто и не постои, а за волја на вистината се случува да не постои ниту на системот за Е-даноци, рече Андреева.

Додаде дека во време на дигитализација, работите може да функционираат беспрекорно, а ваквата, како што рече, несуогласеност го доведува во неизвесност работењето и ликвидноста на компаниите за што Министерството за финансии би требало да инвестира современ систем со кој ќе се надминат овие состојби.

Би можело да ве интересира

МФ: Усвоен новиот закон за сметководствени работи, подигнување на капацитетите и стручната подготвеност на сметководителите

И танц-клубовите на протест, бараат укинување на забраната за нивна работа

Ана Ололовска

Од утре и сметководителите на протест, ќе им се придружат на туристичко-угостителските работници

Ана Ололовска

Бесими на средба со сметководителите: Заеднички ќе работиме на нов закон што ќе ја унапреди сметководствената професија

Катерина Ѓуровски

Бектеши: сметководителите и не биле толку погодени од пандемијата, нема пролонгирање на рокот за завршните сметки

Маја Илиевска-Пачемска

Сметководителите под стрес оти Владата не попушта и не го продолжува рокот за поднесување завршни сметки

Маја Илиевска-Пачемска