Велигденска порака на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов

Од:

 Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов на велигденската воскресна литургија што се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје ја прочита велигденската порака.

– Драги браќа и сестри, ја славиме Годината на верата. Таа за нас е повик верата која ја примивме од своите татковци да ја обновиме. Годината на верата е втемелена токму заради тоа на изворот на верата да ја оживееме и обновиме нашата вера. Ова е всушност мигот, бидејќи е прослава на најсветлиот празник, таа вера да ја обновиме и направиме дејствителна – делотворна во нашиот живот.

Во Бога човекот останува засекогаш љубено дете. На човечката слабост и паѓањето во грев Тој одговори со спасение. Долго го подготвуваше тој чин на спасение за што ни сведочи севкупната историја на Стариот завет. Многу пати и на многу начини Бог некогаш говореше на Отците по пророците, а во наши дни ни прозбори преку својот Син – се вели во посланието до Евреите. Заради тоа, Годината на верата, нè повикува и предизвикува на секојдневно читање на Светото писмо. Во заедницата на верниците на црквата и е јасно дека без познавање на Стариот завет тешко може да се разбере Новиот завет. Воскреснатото бдеење донесува најубав пример од текстовите на Стариот завет за историјата на спасението.

Трагедијата на Велики петок во очите на верникот не е само мачеништво и не е само трагедија, туку пред сè е најголем доказ на Божјата љубов. Не откупи и спаси, не само со навестувањето туку со цената на сопствената крв, бидејќи преданието на животот за откуп на човекот е чин на економијата на Божјото спасение – чин на љубовта. Значи, верата е дар и тоа милосен дар. Но, верата е и чин, и тоа, чин на љубовта.

Како што е првобитната слика – како Бог го замисли создавањето – човекот требаше да биде „подвижна Божја слика“, така е во новото создавање (бдеење), човекот е повикан да биде сведок на новиот Адам Исус Христос кој со воскресението и дарот на верата според св. тајни не оспособи да бидеме сведоци на Неговото воскресение. Ако тој чин на верата не би го прифатиле, христијанството не би можело да постои бидејќи целата порака на христијанството се темели на фактот дека човекот е спасен: со страданието, смртта и воскресението.

Велигден, значи, за сите нас има не само голема порака туку и послание. Кога сега околу прославата за Велигден се обновуваме во верата на изворот на најголемите таинства на спасението ние стануваме нови и подобри луѓе. Проштевањето е можно само во светлината на прифаќањето на верата.

Браќа и сестри, како ваш брат и ваш пастир Ве поттикнувам и молам во Годината на верата секојдневно да го читаме Светото писмо и секојдневно да се молиме, но длабоко и искрено таа молитва да биде средба со Воскреснатиот Господ, да не молиме молитви (фрази) туку да го молиме Бога, а тоа е секогаш средба со Него. Да се обидеме да направиме верата да ни биде тоа што е во природата, а тоа е: да правиме Исусови дела, а не само да зборуваме за нив. Да ги направиме видливи во нашиот живот дека Воскреснатиот е присутен и во нас. Светиот Дух кој направи второто Божествено лице да зеде човечка природа во крилото на Безгрешната Дева, дека го воскресна на Христос, дека слезе меѓу нас да биде милост, ќе направи и овој Велигден на нашите лица блесне победата и надежта на Воскреснатиот Христос.

Додека Ве благословувам во името на Отецот и Синот и Светиот Дух Ви го честитам Воскресението Христово и се радувам што Неговото победоносно лице ќе блесне во нашите срца. Христос Воскресе!, вели во велигденската порака бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.

Би можело да ве интересира

Осум продолжени викенди за сите граѓани во 2024

Влада: Мерката за замрзнати цени продолжена до 31 јануари поради празниците

A1on

Петок пред Духовден неработен ден за граѓаните од православна вероисповед

Ана Ололовска

Денот на сесловенските просветители неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска

Националниот ден на Власите, 23 мај – неработен ден за граѓаните припадници на влашката заедница

Ана Ололовска

Првиот ден на Рамазан Бајрам неработен за сите граѓани на Македонија

Ана Ололовска