Пациентите во Чешка болни од рак, мултиплекс склероза, Паркинсова болест или СИДА, од 1 aприл легално ќе можат при лекувањето да користат канабис, јави дописникот на МИА од Прага.
Според најновите измени и дополнувања на Законот за лекови и супстанции кои создаваат зависност, употребата на марихуаната се легализира за медицински цели.
Планирано е, во прво време таа да се увезува од Холандија, а по една година ќе почнат да се доделуваат лиценци за одгледување на канабис и на чешки фирми.
Марихуаната ќе се набавува преку електронски рецепт по идентификација со лична карта, а количеството кое ќе може да се употребува месечно ќе биде ограничено.
Исто така, со новите законски измени, од идниот месец ќе биде овозможено вршење трансплантација на органи од починати луѓе кои се странски државјани.
Странците, од кои можат да се трансплантираат органи треба да се регистрирани дарители, односно да имаат дадено согласност за транплантирање на органите по нивната смрт.
Доколку не постои претходна согласност од можниот донатор, можно е да биде побарана согласност од земјата од каде потекнува.
Со новиот Закон се регулира и висината и начинот на плаќање на надоместокот на живи донатори на органи, односно тие ќе добијат надомест за трошоците и губењето на приходите кои ги имаат поради трансплативниот процес и тоа во висна до двапати поголема од просечната плата во земјата.