Во Азербејџан денеска се гласа на предвремени парламентарни избори, но, според критиките што пристигнуваат од опозицијата, изборите се веќе решени.
Противниците на претседателот Илхам Алиев сметаат дека со изборите тој уште повеќе ќе ја засили својата контрола врз власта, без да се постигне некаква реална промена, пренесуваат француските медиуми.
Изборите првично беа закажани за ноември, но Алиев ги помести откако во декември изненадувачки го распушти Законодавниот дом, во кој доминира неговата владеачка партија.
Критичарите на владеењето на 58-годишниот лидер сметаат дека тој со изборите сака да го смири зголеменото јавно незадоволство од економското забавување на земјата и да го подобри имиџот на власта со менување на дискредитираната елита со помлади технократи.
Опозицијата ја обвинува владата дека ги ограничува нивните можности за кампања и од тие причини неколку партии го бојкотираат гласањето.