МИА дојде до нацрт-извештајот кој Европската комисија треба да го усвои и објави утре напладне и со кој на земјите членки и на Европскиот парламент им се нуди ревидирана методологија на преговарачкиот процес за проширување.
Европската комисија инсистира на тоа дека не станува збор за промена на процесот, туку за негова ревизија со цел тој да стане подинамичен и поефикасен. Последната ревизија на овој процес датира од 2003-та.
Како што е веќе познато, документот кој треба да се објави утре содржи четири столбови: кредибилитет, политичко управување, динамичност и предвидливост односно условеност.
Кредибилност
Делот за кредибилноста освен врз реформските заложби на земјите кандидати ја нагласува и заложбата на земјите членки на ЕУ кои треба да го исполнат ветеното кон земјите од регионот кога тие ги исполниле условите.
Кредибилитетот, кој беше значително поткопан по октомврискиот самит на ЕУ кога Франција го блокираше отворањето преговори за Северна Македонија, мора да биде „зајакнат“, вели Европската комисија, „преку посилен фокус врз фундаменталните реформи“.
Под фундаментални реформи за регионот се подразбира пред сѐ владеењето на правото и правдата.
Во овој дел, Европската комисија останува на истата линија дека овие теми мора први да бидат отворени за време на преговорите и последни затворени. Напредокот во овие области „ќе го одреди целокупниот ритам на преговорите“.
Освен владеењето на правото, фундаменталните реформи се и функционирањето на демократските институции и јавната администрација, и конечно економските реформи.
Политичко управување
Ова беше едно од главните барања на Франција која смета дека преговарачкиот процес е премногу технички и бирократски и која бара земјите членки да играат поголема улога во него.
Време е да се стави политичката природа на процесот на чело и во центарот и да се обезбеди посилно управување и ангажман на високо ниво од страна на земјите членки.
Ова треба да вклучува создавање нови прилики за политички дијалог на високо ниво со земјите преку редовни самити ЕУ-Западен Балкан и интензивирање на контактите, посебно во областите каде усогласувањето добро напредува и клучните критериуми се исполнуваат.
Овој зголемен ангажман може да доведе до учество на земјите како набљудувачи во клучни средби на Европската Унија, за теми кои што се од суштинска важност за нив.
Ваков предлог неодамна дојде и од хрватското претседателство кое предложи владите од западниот Балкан да учествуваат на министерските состаноци на ЕУ за животна средина.
Динамичност
Преку овој столб се предлага промена на структурата на преговарачкиот процес преку таканаречените „кластери“, односно тематски блокови кои ги обединуваат сите 33 до 35 преговарачки поглавја. Кластерите би се поделиле на теми како добро владеење, конкурентност, внатрешен пазар, вели ЕК.
Кластерите ќе овозможат посилен фокус врз клучните сектори во политичкиот дијалог и ќе обезбедат подобра рамка за политички дијалог на повисоко ниво, смета ЕК.
Ќе овозможи да се идентификуваат важните и итните реформи по област, стои во документот.
Кластерите би се отвориле во целост, а не по поглавје, секако по исполнување на условите за отворање (познати како бенчмаркс), се вели во предлогот на ЕК.
Скрининзите би се воделе по кластери, а не по поглавја како што е сега.
Шест кластери
1. Фундаментални теми (судство и темелни права, правда, слобода и безбедност, економски критериуми, демократски институции, јавна администрација, јавни набавки, статистики, финансиска контрола)
2. Внатрешен пазар
3. Конкурентност и инклузивен раст
4. Зелена агенда и одржлива поврзаност
5. Ресурси, земјоделство и кохезија
6. Надворешна политика