Како структурно и системско решение, далеку од рацете на политичарите и во функција на јакнење на независноста и реформите во праводуството и воопшто го оцени предлог законот за јавно обвинителство лидерот на СДСМ, Зоран Заев, додека според неговиот политички опонент, претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски предложеното законско решение е антиуставно и во спротивност со кривичното право.
Двајцата лидери вчера ги изразија своите позиции во однос на предложеното законско решение во пресрет на средбата на работните групи на двете партии, која според најавите треба да се одржи до крајот на неделава, а Мицкоски рече дека нема да учествуваат во преговорите за законот за јавно обвинителство доколку не се прифатат нивните забелешки и предлози.
Иако не е услов за почеток на преговорите со ЕУ, сепак високите европски претставници изминатиот период Законот за ЈО го споменуваат се погласно дека е потребно да се донесе во сегашниот парламентарен состав.
Заев вчера порача дека не држат тезите дека преку овој предлог некој се обидува да амнестира случаи и да скрие криминал на актуелната власт.
– Со законот се гарантираат сите актуелни случаи, отпочнати предистраги, истраги, судски процеси и слично без разлика за кого се однесуваат, вклучително и предметите од СЈО, но и од Обвинителството за организиран кримнал и тоа сегашни, минати, а веројатно и идни предмети. Ако ВМРО-ДПМНЕ е за вакво решение јавно ги повикувам, а веројатно тоа ќе го направи и министерката за правда како лидер на работната група од наша страна, уште утре да седнат работните групи и веднаш да разговаат за се да решиме во функција и интерес на граѓаните. Во спротивно, останува само политиканство и сериозна потврда дека некој постои и функционира само за да го заташка криминалот и да ја спречи одговорноста за криминалот без разлика за кого се однесува, рече Заев во одговор на новинарско прашање за време на вчерашната посета на МАСИТ.
Заев во однос на најавата на Мицкоски дека нема да учествуваат ако не се прифатат нивните забелешки рече дека тоа е резултат на инструкциите што доаѓаат од Будимпешта.
-Со барањето од опозицијата да биде предложен јавниот обвинител, Мицкоски испраќа порака дека има намера да остане во опозиција. Вака критички да се настапи за закон кој е во координација со Европската делегација, ЕУ и САД е далеку од било каква нормалност во однесувањето во вакви сериозни моменти пред кои сме исправени. Испраќам порака на сериозност – сега и требаме сите на државата. Можеме да дадеме аргумент плус за нашиот народ и на нашите пријатели – лидерите на земјите-членки на ЕУ и на Европската комисија да имаат уште еден аргумент пред следните одлуки кога ќе носат историски важни одлуки за Република Северна Македонија, потенцира Заев.
Мицкоски вчера истакна дека дел од членовите во новиот предложен закон за јавно обвинителство се неприфатливи за ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи во неколку наврати се крши Уставот и Обвинителството го става под контрола на власта.
Тој вчера презентираше дел од забелешките во јавноста, а тие допрва ќе бидат доставени до претставниците на СДСМ кои треба да ги разгледаат, а потоа да биде договорена средба.
При анализата на Предлог законот партијата консултирала повеќе правни експерти кои, а Мицкоски истакна дека се подготвени да ги бранат забелешките.
– Носењето квалитетен закон за јавно обвинителство би значело решение по кое Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери.Токму затоа последниот кој има интерес во државата од квалитетно решение за јавно обвинителство е Заев. И затоа се толку силно фокусирани кон опструкции и кочење на носење квалитетно законско решение, но и наметнување на предлог закон кој ќе гарантира своевидна амнестија на криминалот на власта преку целосна контрола врз обвинителството, рече Мицкоски.
Повторно предлагаат, рече Мицкоски, формирање на посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста на привилегирани обвинители, а на штетата на обвинителите во редовното обвинителство.
-Предлагаат закон кој што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
Резидентни амбасадори од земјите членки на Европската Унија во земјава вчера на средбата со премиерот Оливер Спасовски дадоа силна поддршка за продолжувањето на реформите, за почитувањето на Преспанскиот договор и добрососедските односи, за политиките на дијалог, но констатираа и дека носењето на Законот за јавно обвинителство, иако не е услов за евроинтеграциите, ќе биде добра порака за определеноста на сите политички субјекти во земјава кон дијалог и кон владеење на правото.
По серијата неуспешни обиди за договор меѓу влста и опозицијата, прашањето за законот за ЈО повторно се актуелизира по минатодонеделната посета на еврокомесарот Оливер Вархеjи на Скопје, кој порача дека би било добро сегашниот парламентарен состав пред распуштањето да го донесе законот, што би било добар знак упатен до земјите-членки на ЕУ во контекст на очекуваната одлука за отворање на преговорите за членство на земјава во Унијата.