Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски со променет став во однос на промената на изборниот модел. Милошоски, кој во 2018 година беше поборник за една изборна единица со отворени листи, а откако ВМРО-ДПМНЕ предложи 120 изборни единици, смета дека сегашниот модел е компромисен бидејќи е комбинација на двата, додавајќи дека доколку изборниот праг во модел како една изборна единица е повисок од пет проценти и партијата која ќе освои повеќе пратеници добие бонус, за него е прифатливо. Но неговиот став го смета за личен, а ќе гласа онака како што ќе одлучи ВМРО-ДПМНЕ и мнозинството пратеници. Пратеникот во 2018 јавно ги повикуваше експремиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да покажат демократски капацитет и да го променат изборниот модел.
„За многу работи нема да се согласат. Но ќе биде добро за државата доколку Зоран Заев и Христијан Мицкоски покажат демократски капацитет и изјават дека се согласуваат Македонија да биде една изборна единица со отворени листи за подемократски избори“, пишуваше Милошоски пред повеќе од една и пол година.
Милошоски не одговори конкретно дали неговиот став е променет бидејќи неговата партија ВМРО-ДПМНЕ смета поинаку, туку рече „Ако поголем број од моите колеги пратеници или претставници на Централниот комитет бидат за друг модел, тогаш треба да тоа да се прифати. Ние како партија си имаме начин на носење одлуки кои сме ги прифатиле, а тоа е став на пратеничка група, а човек може да има личен став“.
Пратеникот во одбрана на предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за 120 изборни единици вели дека предноста е во тоа што народните избраници би имале поголема одговорност.
„Одговорот на прашањето е да се биде поодговорен кон партијата или кон гласачите. Овој изборен модел е компромисен бидејќи е комбинација. Мнозински изборниот модел е повеќе кон гласачите. Една изборна единица носи поголема одговорност кон партијата, бидејќи таа составува листи“, одговори Милошоски, прашан дали сега поддржува 120 изборни единици или отворени листи.
Пратеникот и натаму смета дека Заев и Мицкоски треба да седнат на маса и да се договорат, но овој пат не за една изборна единица, туку за изборниот модел.
„По изборите со чист мандат повторно повикувам за да се договорат за изборниот модел. Треба ставовите да се усогласат со ставите за изборниот модел и со релевантните политички партии на Албанците, односно во моментов, ДУИ и Алијанса“, рече Мицкоски.