Во Агенцијата за млади и спорт, денеска официјално ќе биде означен почетокот на националната кампања против говорот на омраза на интернет „Младите луѓе за човековите права на интернет“.
Почетокот на националната кампања се поклопува со започнувањето на кампањата во Советот на Европа која е предвидено да трае до март 2014 година во голем дел од земјите членки на Советот.
Кампањата е насочена кон младите луѓе на возраст од 13 до 30 години во однос на зголемувањето на одговорноста при користењето на интернет, за утврдување на различните перцепции и форми на говорот на омраза, како и за последиците од непочитувањето на човечковите права во онлјан комуникацијата.
Во кампањата како дел од Националниот комитет против говорот на омраза се вклучени министерствата за правда, за образование и наука, за труд и социјална политика, за информатичко општество, како и претставници од Агенцијата за електронски комуникации и од невладини организации.