Ако Мицкоски прифати една изборна единица, јас нема да бидам кандидат на пратеничка листа. Немам амбиции, немам дилеми, растоварен сум, рече премиерот Заев одговарајќи на пратеничко прашање на Никола Мицевски дали Заев ќе прифати шпицен кандидат.
„Ако сака Мицкоски ќе играме шпиц-шпиц, крило-крило. Ќе седнеме на маса ќе се договориме, еве веднаш сум подготвен да разговрам. Јас барам мандат за премиер, а шпицниот кандидат, не е нешто ново, го имаа европската левица и десница“, рече Заев.
Пратеникот Мицевски го прозва премиерот Заев и дека последните анкети со рејтинзите биле нарачани од власта.
„МЦМС е независна организација финансирана од странство, со странски пари и тука немаме можност да го спориме нејзиниот рејтинг. Во минатото резултатите од нивните анкети и нам не ни се допаѓале, но таа е реалноста. Разликата меѓу СДСМ и ВМРО на овие избори ќе биде меѓу 60.000 и 120.000 гласови. Знаете зошто? Зошто граѓаните се ежат на помислата после 11 години апсолутно владеење повторно да се вратите на власт. Имаме среќа што државата е транспарентна, па граѓаните можат да увидат и да сфатат. Се знае господине Мицевски, ние постапуваме по системот no more secrets. Затоа и се свесни што ги чека кога ќе се вратите, меѓуетнички тензии и кавги со соседите“, заклучи Заев.