Слабостите во самата Унија, не ја намалуваат нашата одговорност за начинот на кој ќе се одвива европската интеграција на нашата земја. Исчекувањето на новата методологија за пристапните преговори и конечното доделување на датум за почеток на преговорите во текот на пролетта следната 2020 година, не смеат да бидат изговор за брзината и квалитетот на домашните реформи за коишто ние ја имаме примарната одговорност.
Ова го порача претседателот Стево Пендаровски во обраќање на отворањето на конференцијата „Можности за регионална интеграција на Република Северна Македонија во Европската унија“ што се одржува во Скопје во организација на Унијата на европските федералисти на Македонија.
Тој додаде дека дури и со отпочнати преговори на пролет следната година, нам ни претстои долг и тежок процес на приспособување што ќе трае, оптимистички од пет до седум години.
-Дотогаш, за да опстанеме како демократска држава и општество, ќе мораме да се справиме со проблемите поради кои стотици илјади наши граѓани веќе ја напуштија државата. Проблемот на организираниот криминал и високата корупција не се само предизвик за обвинителството и судството, туку се основен услов за опстанок на јавниот поредок. Релативно спорото темпо на економскиот развој е клучна пречка за отворање добро платени работни места, коишто се единствена надеж за успорување на миграциските текови. Конечно, слабостите во нашиот образовен систем, во јавното здравство и заштитата на човековата околина се повеќе стануваат причини за незадоволство кај граѓаните и мотив за напуштање на државата, не само од економски загрозените граѓани, туку и од оние кои имаат релативно добар социјален статус, но се незадоволни од функционирањето на системот, посочи Пендаровски.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров изјави дека регионалната соработка е нужност како во контекст на европската интеграција така и како начин за справување со предизвиците со кои се среќаваат и ги споделуваат земјите од регионот.
– Поврзаноста, создавањето можности, какво образование имаме, какво здравство имаме, колку работа има, колку таа работа е платена, какви се нашите демократии, дали имаме силни институции, дали имаме независни судии и дали медиумите ни се слободни, се елементите кои ќе го дадат одговорот на прашањето дали ќе успееме да чекориме во Европа како држави или ќе продолжи трендот на влегување во Европа како граѓани, индивидуално. Тоа е трката пред којашто сме исправени, нагласи Димитров.
Министерот потенцираше дека време е на Балканот сите да се согласат дека добрата вест за една држава, е добра вест за целиот регион, дека проблемот на една држава, е проблем на целиот регион, дека негативната асоцијација врзана со една држава или политиките на една држава, влијае негативно и на целиот регион и во таа смислам, истакна Димитров.
– Мислам дека за нашата нација многу е важно во текот на следните неколку недели и месеци да направиме се што можеме да го зголемиме притисокот врз земјите членки, да не паднеме во замката на „жртва“, оцени Димитров.
Тој оцени дека дека ќе помогне многу ако сите парламентарни политички партии најдат сила да го донесат законот за јавно обвинителство.
– Во оваа смисла мислам дека ќе помогне многу ако сите парламентарни политички партии најдат сила да го донесат законот за јавно обвинителство тоа е прашање што сосема ќе ја издигне нашата европска кандидатура од една страна, и второ мислам дека е многу важно покрај континуираното среќавање и разговарање со земјите-членки на Европската Унија, и новите институции сега во Брисел, да направиме се што можеме во смисла на работа, меѓутоа да не покреваме надеж дома, заклучи министерот.
Заменик-претседателот на Унијата на Европски федералсти Кристофер Глук посочи дека тие веруваат дека Европската Унија не може да биде целосно без полноправно членство на земјите од Западен Балкан.
Тој порача дека историјата познава само една насока – полноправното членство на земјите од Западен Балкан ќе се случи, порано или подоцна. И, како што рече, поради тоа мора сега многу да работите.
Трета тема на конфренцијата беше „Улогата на Собранието, науката, медиумите и НВО секторот во промоцијата и подршката на регионалните иницијативи“, а во таа насока директорот на МИА, Драган Антовски, зборуваше за „Лажните вести во насока за дискредитација на граѓанските иницијативи“.
– Во овој вриеж на злоупотреби на новинарската професија, на нејзината полуписменост, каде што спотери се интересот на политичките партии, бизнис елитата, политиката воопшто, единствени столбови каде што може и мора да се лоцира професионалноста, да се контролира и гради, се јавните сервиси и њуз агенциите, оцени Антовски.
Тој посочи дека новата провокација на новото време, или новата војна која е во ек, е на точната-наспроти лажната вест.
– Таа се продава побрзо, ако не ја спречиш со демант, таа станува вистина.Во тој контекст обединувачкиот фактор, вмрежувањето на релеватните извори на информирање, европските стандарди, агенциското новинарство е насоката или патот каде што треба многу да се вложува, и да се сработи до колку сакаме да ја имаме јасната слика за перспетивите на нашето и на европското општество како целина, заклучи Антовски.