Американската Сојузна управа за цивилно воздухопловство (ФАА) пресмета дека Боинг 737 Макс може да се урне вкупно 15 пати за време на неговиот период на употреба.
Интерните калкулации на ФАА објавени по првата фатална несреќа покажуваат дека тој патнички авион може да се урне 15 пати и да загинат 3.000 патници, пишува Бизнис инсајдер.
Предвидувањата, направени пред втората несреќа, предизвикаа авионот да биде приземјен во целиот свет. Тие информации беа изнесени во јавноста кога тоа предвидување беше објавено во документи презентирани на сослушувањето на Комитетот за транспорт во Вашингтон.
Објавените податоци се засноваат на внатрешна анализа спроведена од ФАА по катастрофата во октомври 2018 година, кога загинаа 189 лица.
Пресметките на ФАА покажуваат дека несреќата се случила по приближно 136.000 часови лет на тој авион.
Врз основа на тој број, во комбинација со очекуваниот животен век на експлоатација на тој модел авион (максимум 45 години), пресметано е дека може да дојде до 15 несреќи, се наведува во документот од сослушувањето.
Во зависност од конфигурацијата на авионот и пополнетоста на местата во него, во 737 Макс може да има 230 лица.
Бизнис инсајдер врз основа на тоа дојде до податокот дека во 15 несреќи на авионот, целосно пополнет со луѓе, би загинале околу 3.450 лица.