Не требало да се прави драма и крева галама околу надоместоците што се исплаќале на СЈО, затоа што пратениците земале по 100 илјади денари месечно, рече Премиерот Зоран Заев одговарјќи на пратеничкото прашање на Крсто Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, кој праша зошто на СЈО му се дозволувало расфрлање со народни пари за надоместоци од илјадници евра месечно.
„Не знам зошто се прави толкава драма за неколку илјади евра за СЈО, кое е формирано со консензус во ова Собрание. Се знае дека премиерот зема 84 илјади денари плата, а пратениците и до 100 илјади со патни трошоци. СЈО ги распределувало средствата од рамки на буџетот кој им бил доделен и не треба да се дозволи со толкава леснотија да се гази институцијата. Судството и обвинителството се се уште заробени од „сваровски судството“ и само 3 отсто судии и обвинители од вкупниот број се нови. Ќе речете дека изборни малверзации на избори немало? Дека „Космос“ не беше урнат? Дека немаше 5 посто провизија за автопатите? Сите ги слушнавме овие разговори, но законски треба да се утврди дали има докази и да се понесе одговорност. Не може така, кој си направил дело, ќе си одговара“, рече премиерот Заев.