Млади и стари „прочкари“ уште од изутрина според традицијата маскирани се веќе на улиците.
Групните и поединечни маски од рано изутрината се подготвуваат за големото дефиле напладне во рамки на 13 меѓународен карневал „Прочка 2013“. Голем број гости од земјава и странство се во Прилеп да ги видат маскираните и познатите прилепски мечкари. Мечкарите, заедно со гостите од Воден Грција уште од зори го подготвуваат изненадувањето – заедничката маска.
Според организаторите, локалната самоуправа и здружението „Прилепски мечкари“ денеска се очекуваат околу 3.000 маскирани лица. Парадата ќе се одржи на булеварот „Гоце Делчев“, а стручна жири-комисија ќе ги оценува и ќе ги прогласи најдобрите групни и поединечни маски.
Најавени се гости од сите карневалски градови од земјава и од Корча-Албанија, Шабац, Лесковац, Нови Сад, Врњачка Бања, Бања Ковиљача сите од Србија, четири групи од Хрватска од кои две се од Брач и по една од Лудбрег и Риека, од Разлог-Бугарија, за прв пат учество ќе земат и групи од Птуј-Словенија и од Воден-Грција.
Во текот на вчерашниот ден парадираа мажоретките, жонглерите, пантомимичарите. Синоќа беше весело во кафулињата и во рестораните, а уште повесело ќе биде вечер на заедничката карневалска забава во градот.