Во двочасовното дефиле на над 3.000 маскирани луѓе синоќа Струмица наликуваше на светскиот карневал во Рио. Големата интернационална карневалска поворка во која продефилираа 30 групи од карневалските градови од соседните земји со над 600 учесници само ја надополнија шаренолискоста на „Струмичкиот карневал 2013“.
Организаторите се повеќе од задоволни. На плоштадот „Гоце Делчев“, каде вриеше од боите на маските и музиката се зборуваше на јазикот на карневалот и веселоста.
По традиција и годинава во друштвото на големата трибина беше и претседателот на асоцијацијата на Европските карневалски градови Хенри Ван Дер Крон, кој на гостите од соседна Албанија им подари златен медал за маската „Влез во Европа“. Златни медали добија и Ристо Багашевски за неговиот 20. настап на Струмичкиот карневал и карневалските групи „Ѕвезден град“ и „Мулен руж“.
И годинава доминираа карневалските групи од над 50 маскирани лица во разни бои костими и маски претежно со современа тематика што на карневалот му даде белег на светска манифестација.
Првпат во карневалското жири има и 10 претставници од учесниците. Оценките на сите членови од жирито јавно ќе бидат отворени, а најдобрите наградите ќе ги добијат по карневалската поворка во вторникот.
Според проценките на организаторите, синоќа во Стумица имало околу 30.000 гости кои карневалската вечер ја поминаа во локалите и кафулињата.
На плоштадот „Гоце Делчев“ денеска се одржува традиционалниот „Детски карневал“ каде ќе продефилираат најмладите од детските градинки и училишта во Струмица.