Со вчерашната изложба на околу 2000 маски на учениците од прилепските училишта и со ексклузивното, по првпат, презентирање на венецијански опригинални маски, карневалските свечености во Прилеп за „Прочка 2013 добија голем интензитет.
Младите создадоа своевидна школа на маски и што е најбитно, сите сакаат да ја нагласат традиционалноста на карневалот. Маските да бидат во духот на традицијата, направени од природни матењријали од поднебјето, за како што велат, да се избркаат злите духови, да се најави плодното време – пролетта.
Денеска пред голем број посетители во центарот на градот парадираа мажоретките со прилепскиот дувачки опркестар. Атмосферата ја подгреаја кловновите, жонглерите, пантомимичарите кои ги задеваа гостите.
Прилепскиот карневал или традицијата на, како што велат прилепчани „преправањето“, е вековна, има корени во обредните ритуали и верувањето во среќата и блоагосостојбата.
– На Прилепскиот карневал постојат два вида маски. Првиот се познатите „мечкари“, луѓето со страшни маски и облечени во овчешки кожи со клопотарци и „прочкарите„ – преправени, маскирани и млади и стари во нешто што е неупотребливо, нешто необично. И преку гротескното, преку шегата, мајтапот, преку ироничноти, целта е сите да се забавуваат, да се шегуваат, да посакаат благосостојба, да ги повикаат убавите нешта во животот, вели д-р Ели Милошеска Луческа, етнолог.
Иако 13-ти пат Прилепскиот карневал е меѓународен, а Прилеп е член на Федерацијата на европските карневалски градови, маскирањето и тоа секогаш на Велики поклади е со долга традиција. Најпознатата маска се мечкарите. Според етнолозите, тоа е традицијата на касапите. Токму на Велики поклади, пред да почнат велигденските пости, а да се разграничи едно годишно време од друго, касапиоте ги правеле страшните маски. Главно овчки кожи, рогови, големи клопотарци и што е можно пострашни излегувале по улиците, тѕропале на портите на прилепчани, им го препречувале патот на улица барајќи да ја „откупат“ слободата.
– Се има корени во обредите, во потребата на луѓето од памтивека на овие простори да го избркаат лошото, да е скраја од нив, вели Александар Цветкоски, етнолог.
Лошите духови се тоа зло, таа пречка да се стигне до убавото, доброто. Тие мора со страшење да се избркаат, да се најави будењето на пролетта – симболот на плодноста, бериќетот, благосостојбата.
Долгата традиција ги опфаќа маскирањата на децата, младите, возрасните. Тие шетаат од куќа на куќа, да ги видат, да бидат поздравени.
На иницијатива на локалната самоуправа преку националните културни ионституции е покрената постапката за заштита на маската „Прилепски мечкари“.
– Иницијативата ја покренавме пред две-три години. Маската е уникатна, карактеристична за Прилеп, за овој крај како одраз на традиционалното, културната посебност. Во неа е изразено обичајното опстојување на луѓето.
Откако карневалот е меѓународна манифестација на големамото дефиле, традиционално в недела на Прочка, учествуваат голем број групи од земјава и странство. Така е и оваа година.
– Карневалот е еден од најголемите културни брендови на Прилеп. Тој е спој на традицијата и на модерното,на вековните обичаи, посебно обележје на градот и околината. Годинава очекуваме огромна посетеност и многу маскирани, вели Снежана Ристеска, советник за култура.
Годинава се очекуваат гости од сите македонски карневалски градови и од странство. Од Корча Албанија, од Шабац, Лесковац, Нови Сад, Врњачка Бања, Бања Ковиљача сите од Србија, четири групи од Хрватска од кои две од Брач и по една од Лудбрег и Риека, од Разлог Бугарија, а по првпат и од Птуј Словенија, додава Ристеска.
Најавени се гости и од Воден, Грција. Во четвртокот таму на карневал беа „Прилепските мечкари“.
– Таму се договорија заедно да направат едно пријатно изненадување во Прилеп на карневалот утре. Тоа ќе отвори убава можност за соработка, за пријателство за првпат на ваков начин во Македонија, вели Ванчо Георгиев, претседател на Прилепскиот карневал и на здружението „Прилепски мечкари“.
Дека маската прилепски мечкари е посебна, уникатна е првата награда шпто ја освои наеодана на карневалот во Птуј Словенија.
Утре на големото карневалско дефиле се очекуваат околу 3.000 маскирани и илјадници гости во градот. Стручното жири ќе ги прогласи најдобрите поединечни и групни маски и ќе додели 15 награди.
Карневалските традиционални свечености во Прилкеп продолжуваат и во понеделник. Според обичаите, мечкарите и гостите ќе се соберат на гости кај касапите. Тие ќе ги пречекаат на ручек со посен грав.
Дека карневалот со долга традиција во Прилеп на маскирањего продлабочува меѓународното значење е тоа што лани во мај беше домаќин на 12-тата Конвенција на европските карневалски градови. Организаторите задоволни велат дека и на ваков начин се промовира Македонија. „Прочка“ е еден од заштитните културни белези на Прилеп во земјава и надвор од неа.
МИА