Порталот Vrabotuvanje.com.mk за време на првиот регионален онлајн саем за вработување во Македонија (Виртуелни денови за вработување 2019) спроведе истражување со цел да се откријат сличностите и разликите во условите за работа во Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Македонија.
Во истражувањето во кое учествуваа и водечките портали за вработување во Србија (Poslovi.Infostud), Хрватска (MojPosao) и Босна и Херцеговина (Posao.ba) беа опфатени 4.000 испитаници, од кои речиси 1.000 од Македонија. Од испитаниците во Македонија, 52% се вработени, 41% се невработени и 7% се студенти.
Висината на платата е сѐ уште најважен фактор при избор на работа
Скоро две третини од нашите сограѓани (62%) како најважен фактор при избор на работа ја истакнале висината на платата. На второ место се добрите меѓучовечки односи (57%), а на трето можноста за учење и напредување (45%) што укажува на фактот дека работобарателите преферираат компании кои инвестираат во својот човечки капитал.
Споредено со земјите во регионот, висината на платата е најзначаен фактор и за работобарателите во Босна и Херцеговина (68%) додека пак државјаните на Србија и Хрватска поголем акцент ставаат на добрите меѓучовечки односи (65% од испитаниците во Србија и 69% од испитаниците во Хрватска).
Што е најважно за добивање на работата?
На прашањето што мислат дека најмногу влијае на нивните шанси да ја добијат работата, мнозинството од македонските испитаници (43%) одговориле дека тоа се знаењата и вештините, додека секоја трета личност верува дека тоа е работното искуство. Околу 8% од испитаниците веруваат дека во процесот на барање работа може да пресуди среќата, а само 7% сметаат дека се клучни добрите познанства и контакти.
Околу 4% од испитаниците веруваат дека партиската припадност е клучна во процесот на вработување, а само 3% важност му придаваат на формалното образование.
Знаењата и вештините се пресуден фактор за добивање на работата и за испитаниците од Хрватска (54%), Србија (44%) и Босна и Херцеговина (44%).
62 проценти од Македонците не се задоволни од својата работа
Поголемиот дел од македонските испитаници (62%) планираат во следните година дена да ја променат својата работа што ги става на исто рамниште со испитаниците од Босна и Херцеговина, а поотворени од нас во однос на промена на работата се и Србите (67%) и Хрватите (70%).
Од друга страна, Македонците најмалку стравуваат дека ќе останат без работа (16%). Најголем страв од губење на работата постои во Босна и Херцеговина (26%), а потоа следи Србија со 24% и Хрватска со 18%.
Мнозинството невработени бараат било каква работа
Над една третина од испитаниците (39%) се невработени помалку од три месеци, додека пак секоја шеста личност (17%) е без работа од 3 до 6 месеци. Како долгорочно невработени (над 5 години) се изјасниле 14% од испитаниците.
Најголемиот дел од невработените во Македонија (52%) бараат било каква работа, без оглед на тоа дали е по струка или не, додека само 32% од невработените испитаници се изјасниле дека бараат работа исклучиво по струка. Попребирливи од нас се само Босанците каде работа по струка бараат 38% од невработените.
Младите се оптимистични околу времето за пронаоѓање на работа
Добар дел од испитаниците кои сѐ уште студираат (40%) очекуваат дека ќе најдат работа за помалку од три месеци по завршувањето на своето образование, додека скоро петтина од нив (17%) сметаат на тоа дека ќе успеат да се вработат за помалку од еден месец.
Мнозинството студенти (56%) точно знаат со што сакаат да се занимаваат во иднина, а само 3% од испитаниците се изјасниле дека сѐ уште немаат јасна слика за својата професија. Србите (65%) и Хрватите (60%) имаат некои идеи за своето идно занимање, но сѐ уште не се 100% сигурни во тоа, а 57% од испитаниците во Босна и Херцеговина имаат јасна визија за тоа што сакаат да бидат во иднина.
Највисока плата очекуваат Хрватите, а најниска Македонците
На прашањето за очекувана висина на платата, нашите сограѓани се изјасниле дека би биле задоволни со просечна плата од 565 евра. Граѓаните на Србија би се задоволиле со просечна плата од 600 евра, а Босанците со 100 евра повеќе (700 евра). Со посакуван износ од 1.300 евра граѓаните на Хрватска предничат во однос на своите очекувања за плата.
Интересен е фактот што невработените испитаници во просек очекуваат околу 160 евра пониска плата во однос на тие што се веќе во работен однос, а исто така постои разлика од околу 75 евра во очекувањата на машките наспроти женските испитаници каде жените очекуваат пониска просечна плата.
ПР Текст