Најмалку 15 лица загинаа, а голем број се повредени, откако два меѓуградски воза се судрија во источен Бангладеш, соопштија денеска полицијата и спасувачите, јави ДПА.
Несреќата се случила околу 3 часот утринава, по локлано време, во областа Брахманбарија, на околу 80 километри источно од главниот град Дака, за агенцијата изјави полицискиот службеник Шајмал Канти Дас.
Девет тела се пронајдени на местото на несреќата во близина на железничката станица Мондобаг, изјави Хајат уд-Давла Кан, главен администратор на областа. Другите лица, меѓу кои многу повредени, биле пренесени во локалните болници, каде починале од здобиените повреди.
„Неисправната сигнализација може да е причина за несреќата“, изјави Кан телефонски за ДПА од местото на настанот, додавајќи дека железничкиот оддел веднаш почнал истрага за несреќата, во која ќе треба ги утврди причините кои доведоа до неа.
Бројот на жртвите може да се зголеми, бидејќи во инцидентот има над 100 поврдени лица, изјави претставникот на локалната самоуправа Масуд Ул Алам.
Железничките врски меѓу Дака и другите источни провинции, вклучувајќи го и југо-источниот пристанишен град Чатограм и северо-источниот град Силет, беа во прекин по несреќата.