Сасоли: Работиме на надминување на одложувањето на датумот, но реформите мора да продолжат

Од:

Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли пред заминувањето од Скопје, по обраќањето во Парламентот, уште еднаш им порача на македонските граѓани дека почетокот на преговорите со ЕУ е одложен и оти е сигурен дека она што одредени држави го искажале како забелешки ќе биде надминато. Сасоли сепак предупреди дека земјата треба да продолжи и со реформите.

– Овој застој што се направи секако ќе биде надминат. Не беше кажано „не“, туку само беше одложено донесувањето на одлуката. Нашата сила се состои во тоа што сите европски институции Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија се единствени за отпочнување преговори, рече претседателот на ЕП, кој во финалната изјава заедно со претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Сепак, Сасоли потсетува дека Република Северна Македонија и Албанија треба да го продолжат процесот на реформи.

– Во иднина со пристапувањето на земјите од Западен Балкан, подобро ќе биде дефиниран просторот на ЕУ и ќе се најде дефиниција на географскиот простор, но не само тоа туку и иднината на ЕУ ќе биде посилна за идните процеси, смета новиот претседател на ЕП. Тоа, како што додаде тој, им одговара на Северна Македонија и на Албанија, но и на земјите од ЕУ.

Претседателот на Собранието Џафери му се заблагодари на Сасоли за поддршката посочувајќи дека идните чекори по разочарувањето од недобивањето датум би требало да бидат во насока на коригирање на оваа неправда. Неговите очекувања, според најавите се дека оваа историска грешка ќе биде поправена на самитот на Унијата во мај во Загреб.

– Ние ќе продолжиме да соработуваме како и досега со Европскиот парламент преку формата на Мешовитиот парламентарен комитет, преку Жан Моне дијалогот и ќе бидеме доследни на Берлинскиот процес, како комплементарен на евроинтеграцискиот процес и нема да прифатиме никаква друга алтернатива на полноправното членство во ЕУ, рече Џафери.

Претходно, Сасоли имаше обраќање пред пратениците, како и средби со првиот парламентарец и со координаторите на пратеничките групи и претставници на помалите партии.

Во обраќањето тој рече дека на состанокот со координаторите на различните политички партии почувствувал заедништво во однос на отпочнувањето на преговорите со ЕУ, што според него, е навистина позитивен сигнал.

Претседателот на ЕП вчера имаше средби и со премиерот Зоран Заев и со претседателот Стево Пендаровски, а присуствуваше и на дебата со млади и на отворањето на Куќата на Европа.

Престојот на Сасоли во Северна Македонија е негова прва официјална посета надвор од ЕУ по стапувањето на функцијата претседател на Европарламентот.

Би можело да ве интересира

Акцијата „Моби Дик“ една од најголемите во ЕУ – даночно затајување од 520 милиони евра

А1он

Глобална трговска војна, Британија избира помеѓу САД или ЕУ

Косачов: Европската Унија нема да опстане без Русија и БРИКС

Блумберг: Лидерите на ЕУ го повикаа Бајден да ја зголеми помошта за Украина пред доаѓањето на Трамп

Вучиќ: ЕУ треба да ја промени стратегијата кон Западен Балкан, но и кон Србија

Рама: Извештајот за напредокот на Албанија за 2024 година најпозитивен до сега

А1он