Последниот ден од октомври првпат помина без шетање од аптека во аптека во потрага по лекови. Речиси и да нема револтирани граѓани од обидите да најдат лек на товар на Фондот за здравствено осигурување за разлика од периодот пред 1 октомври кога оние што ќе се разболеа во втората половина на месецот, беа принудени да одат во неколку аптеки, а најчесто и да си ги плаќаат лековите оти ограничените квоти се трошеа во првите неколку дена од месецот.
„А1он“ направи анкета во последниот ден од октомври. Анкетата покажа дека граѓаните се генерално задоволни од новиот начин на кој функционираат аптеките.
„Има на рецепт, се наоѓаат. Во ред е сега, не е како што беше. Овој месец изненадувачки е што цело време можевме да земеме лекови со рецепти. Тие што употребуваме јас и сопругот ги имаше сите“, ни рекоа граѓаните на излегувањето од аптеките.
Иако во значително помал број, имаше и неколкумина што се пожалија дека не успеале до го најдат лекот што го барале.
„Ништо не најдов, што најдов зедов, што не – нема. Немаме пари, 1.000 денари за еден лек, тоа е претерано. Ги нема на рецепт. Мора на приватно, 1.000 денари. Ова за пензионери што примаат 11.000 денари пензија е претерано, сега сум дал речиси 2.000 денари само за лекови“, ни се пожали пензионер.
„Барам ампули, нема. Серверот паднал, не може да проверат. Барам инјекции за проблеми со вените. Треба да се оди во неколку аптеки, а ако не можеш, што тогаш? Ми грешат, едно ќе кажам, друго ми даваат. Капки за очи нема, а други што се поевтини ги има, скапите ги нема“.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека ако и по укинувањето на квотите аптеките немаат лекови, тогаш тоа е нивна вина.
„За аптеките од Фондот нема никакво ограничување и тие треба во секое време да ги имаат лековите. Ако недостига некој лек, тоа е вина на аптеката, не набавила доволно. Сега пациентите ќе ги избираат аптеките по принципот на пазарна економија. Ако во една аптека им се случи неколкупати да недостига некој лек, ќе си изберат друга што е поснабдена“, велат од Фондот за здравствено осигурување.
Во Фондот сè уште се подготвува набавката на читачи на лични карти, кои се задолжителни при подигање на лековите, а истовремено се работи на воведување електронски рецепти со кои ќе се зајакне контролата на матичните лекари.
До електронскиот рецепт, веднаш по препишувањето, пристап ќе имаат и аптеките и Фондот за здравствено осигурување, кој го плаќа лекот. Читачите и електронските рецепти од Фондот очекуваат да почнат да се применуваат за неколку месеци. И покрај тоа што нема читачи, со укинувањето на квотите подигнувањето на лековите се врши само со документ за идентификација.
„Ми бараат лична карта, без тоа не може“, „Ми побараа лична карта“, велат граѓаните.
И аптекарите велат дека се почитува обврската за легитимирање.
„Со одлуката на Владата на Република Македонија повеќе нема квоти во аптеките и пациентите може во кое било време да дојдат, без разлика дали е 30 или 31 во месецот. Лекови има во сите наши аптеки. Со новите измени од Министерството за здравство пациентите се должни да се легитимираат пред да подигнат лек. Подигнувањето на лекот е исклучиво со документ за идентификација, лична карта или пасош и важечки рецепт препишан од матичен лекар“, вели Орце Илиевски од „Еурофарм“.
Од Фондот објаснуваат дека со легитимирањето на оној што го подигнува лекот прават контрола на издадените рецепти од еден матичен лекар за да се намали можноста за злоупотреби. „Не се предвидени никакви казни, ниту ограничувања за пациент кај кого ќе се утврди дека зема повеќе лекови на товар на Фондот. Ние таквите случаи ќе ги означиме со црвено знаме во смисла дека треба да провериме дали се реални, да го провериме матичниот доктор што ги издал“, велат од Фондот за „А1он“.