Со мерни станици кои не ги мерат штетните ПМ 2.5-честички во воздухот или, пак, не даваат никакви податоци, Министерството за животна средина ја чека грејната сезона и загадувањето. Дванаесет од вкупно осумнаесет државни мерни станици не мерат концентрација на штетните ПМ 2.5-честички во воздухот. Останатите шест мерни станици, за кои стои податок дека мерат ПМ 2.5-честички, денес покажуваат високо и средно загадување. Високо загадување со ПМ 2.5-честички покажуваат мерните станици во Ѓорче Петров, Тетово и Куманово, а средно загадување покажаа мерните станици Битола 2, Карпош и Центар.
ПМ 2.5-честичките во воздухот се токму оние кои секоја зимска сезона достигнуваат најголеми концентрации во воздухот, најдолго се задржуваат и најлесно се вдишуваат бидејќи се најситни. Максимално дозволена концентрација на ПМ 2.5-честичките во воздухот е 25 микрограми на кубен метар, вредност која во Македонија била и 25 пати повисока. Производствените процеси, сообраќајот, согорувањето на дрва за греење во домаќинствата, согорувањето на земјоделски отпад и слично во комбинација со непогодните метеоролошки услови се причинители на зголемените концентрации на ПМ 2.5-честичките во воздухот.
Од Министерството за животна средина нема објаснување зошто не се мери концентрацијата на ПМ 2.5-честичките ниту, пак, кога повторно мерните станици ќе почнат да ја покажуваат и оваа вредност.
Според веб-страницата на Министерството за животна средина, не се комплетни мерењата ниту за концентрациите на ПМ 10-честичките, кои заедно со ПМ 2.5 во зимскиот период се и по 25 пати повеќе над дозволените граници. Нема податоци за ПМ 10-честичките од мерните станици во Лисиче, Битола 1, Кичево, Гостивар, Велес 2 и Кавадарци. Високо загадување со ПМ 10-честичките денес има во Гази Баба, а средно во Центар, Карпош, Ректорат, Миладиновци, Тетово и Струмица.
Во три мерни станици нема податоци за концентрациите на јаглерод моноксид, во четири за азот диоксид и во три мерни станици нема податоци за озон.
Од Министерството за животна средина не одговорија на прашањата од „А1он“ дали и во кои мерни станици се работи на поправка на дефекти и дали имаат рок во кој мерните станици повторно треба да ги покажуваат сите вредности.