Жителите на селото Долно Количани, натоварени со буриња и пластични шишиња, одат во соседните села да полнат вода за пиење. Пред неколку месеци полнеле од двете селски чешми, но сега и таа опција им пропаднала затоа што изворите пресушиле. Гневни и разочарани, за „А1он“ велат дека се манипулирани од сите досегашни локални власти, кои со децении им ветуваат, а никако да почне да тече вода во нивните чешми.
„Ова што се случува кај нас е еколошка катастрофа. Да немате вода за пиење, за основна хигиена, па каде го има ова? На 15 километри од Скопје сме, а живееме како во средниот век. Полниме буриња, кофи, одиме во други села, и тоа со децении. Ова е срамота“.
„Сакам да им порачам на властите во Долно Количани пред избори да не доаѓаат, нема место веќе за нив овде. Излажани сме од сите по ред. Овде беше дури и Груевски, ветуваше водовод, ископаа нешто долу под селото, но не излезе вода. Ни замачкаа очи и толку. Сега и овие исто. Пред неколку месеци беше министерот Сугарески, ветуваше вода, но, како што гледате, ја нема, не тече од чешмите“.
Немаме трпение веќе, не веруваме ниту во ветувања ниту во проекти. Си веруваме само на маката кога ќе се натовариме со трактори да одиме по вода. Сме кажувале, сме се жалеле, бараа наши претставници, пишуваа писма, петиции до сите власти, со сè сме се обиделе и ништо. Од своите џебови плаќавме за цевки, за буриња, за моторчиња и за што ли уште не. Никој не го засега што овде над 400 куќи трпат за вода во 21 век“, изјавија револтираните жители на Количани.
Во меѓувреме, некои од жителите почнале да бараат алтернативни решенија, сами си плаќаат за копање дупки за бунари, од каде што планираат да донесат вода во своите домови. Други, пак, вградиле цистерни во своите куќи, кои рачно ги полнат со буриња, но и таа вода може да ја користат само како техничка, не и за пиење.
„Значи, имам две чешми, едната е на постојниот водовод, но тука нема вода затоа што тој извор е пресушен. Другата е од системот што јас си го имам инсталирано. Имам цистерна од еден тон, која ја полниме на секои три дена и од таму со моторна пупма преку цевките таа се носи до чешмата. Таа вода не е чиста, ја користиме за миење, за одржување хигиена, но друго подобро решение нема“, вели жител на Количани, кој сам си вградил цистерна во својот дом.
Претходната власт, како што ни кажаа, направила неуспешен обид да најде решение. Копале на две места, но вода не излегла и се откажале од проектот. Сегашната, пак, како што тврдат, конечно направила проект преку кој се предвидува да се земе водата од езерата на Салаково. Но, за негова реализација треба да чекаат пари од буџетот на државата.
„Има проект кој треба да го реши проблемот на Долно Количани и тој треба да се реализира со пари од државниот буџет затоа што Општина Студеничани нема толку средства, речиси 2 милона евра, колку што би чинело да се донесе вода во селото. Ветено ни е дека парите ќе бидат одобрени со буџетот за 2020 година. Според она што кажаа од Министерството за транспорт и врски, би требало водоводот напролет да почне да се гради“, рече Ипо Сејфула, претседател на Месната заедница Долно Количани.
Локалната власт, единствено ги обновила цевките до постојниот извор, кој не е погоден за пиење и нема капацитет да го обезбеди селото со вода, кое брои над 2.000 жители. Засега од овој извор во нивните домови вода доаѓа на секои 48 часа и може да полнат по 15-ина минути. И додека се чека одговор од Владата и од Општината, жителите на Количани рекоа оти единствена надеж им е дека ќе заврне дожд и ќе водата ќе почне да тече на селските чешми да не мора да одат во соседните села.