Кој бил Зорба, колку Гркот бил Грк?

Од:

Гркот Зорба после шест децении, пак, стана актуелен во Македонија. Благодарение на Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, кој во обраќањето кон лидерот на опозицијата Бранко Црвенковски, a со цел да го престави како национален предавник во очите на граѓаните.

Тоа се заклучува од зборовите на Груевски, цитат: „Сите гледаат дека Бранко стана поголем Грк и од Самарас. И ако најпознатиот Грк во минатото беше Гркот Зорба, ако продолжи со оваа штета кон Македонија, ако остане цврст до крајот на овој бојкот и го наруши имиџот што го доби Македонија и го изгубиме позитивниот извештај и препораката, најпознатиот Грк нема да биде Гркот Зорба, ќе биде Гркот Бранко“.

За да знаеме за каква споредба всушност станува збор, ние мора да знаеме кој е Гркот Зорба, кој е всушност човекот кој бил главната инспирација за пишување на легендарниот роман „Доживувањата на Алексис Зорбас“.

Кој е Гркот Зорба?zorbas

Пролетта во 1922 година на скопската железничка станица во Скопје, од возот кој стигнал од Солун, слегол еден мустаќлија. Додека носачите од поштенскиот вагон го истоварале неговиот багаж, непознатиот кај отправникот на возовите се распрашувал каде се наоѓа хотелот „Ловец“. Откако слушнал дека се наоѓа во близина на станицата, дојденецот, кој за сето тоа време за рака држел 10-годишно девојче, им ја кажал адресата на носачите и тргнал по улицата „Крал Петар“ која почнувала речиси од перонот.

Неговата крупна градба и невиното потскокнување на ќерка му Екатерина не му дозволувала да остане незабележан од првите шетачи кои биле измамени од сонцето на скопската улица. Тие не можеле ниту да претпостават дека гледаат во човекот кој ќе биде јунак на славниот роман од Никос Казанѕакис. Можеби уште тогаш дојденецот размислувал за обврската дадена на пријателот Никос, на кој му ветил дека веднаш по пристигнувањето во Скопје ќе му пишува за првите впечатоци во градот во кој сакал да започне со работа.

Момците во хотелот „Ловец“ биле видно разочарани кога се појавил гостинот чија соба била резервирана еден месец однапред. Се надевале на господин кој гарантирал добар бакшиш, но во хотелот стигнал необично крупен човек со обичен качкет, далеку од господата кои тогаш стигнувале во градот покрај Вардар.

Сопственикот на хотелот на својот персонал му наредил да му стојат на услуга на новиот гостин, познат грчки трговец, кој ги закупил собата во хотелот и шупата во дворот за една година. Подоцна раскажувале дека тој малку бил ситничав околу храната за својата симпатична ќеркичка и дека долго мезел пред да изеде тепсија јагнешки парчиња места со два бокала црно вино.

Следните две десетлетија, сè до смртта, Јоргос Зорбас ќе ги помине во Скопје и ќе биде запаметен по саботните пијанки низ месните кафеани, посебно во гостилницата „Маргер“, собирајќи доживувања за легендарниот роман на неговиот пријател.

Скопјаните често се бореле за место на неговата маса, бидејќи слушнале за атмосферата која знае да ја направи. Неговиот шарм, лесното склопување на познанства му помогнале целосно да се вклопи во имиџот на градот, да стекне животни пријателства, но и да ја освои најубавата скопјанка – вдовицата Љуба.

Благодарение на описите на овој заколнат боем за дружењата со Скопјани, за минатите кафански ноќи, голем дел од нив се препознале дури кога бил снимен филмот „Гркот Зорба“.

Иако стекнал имиџ на голем боем и градски човек, тој не заборавал дека бил син на овчарот Фотис Зорбас од Катафиги, Северна Грција. Никако не можел да го заборави мигот кога пред своето полнолетство избегал, не можејќи да се замисли да го мине целиот свој живот како овчар, чувајќи го огромното стадо од овци и кози, живеејќи ја сигурната иднина која за него ја создал неговиот татко.

Потоа тој првите свои пари ги заработил како дрвосечач, соборувајќи стебла низ Грчките планини. Неговата умешност добро да свири на труба, го правела посакуван на секоја забава во секое друштво. Токму тоа го одвело на Халкидики, каде ја запознал својата прва љубов Елена. Тие долго време се гледале низ садниците со маслинки, пред да решат да стапат во брак и да побегнат од сите. Токму таа му ја подарила неговата преубава ќерка.

За ова тој никому не раскажал, тоа било неговиот животен белег, кој љубоморно го криел од туѓите погледи, од туѓите уши.

Сонот да има свој рудник кој го следел од детството го остварил во Скопје, каде нашол жица од шкрилец, „бел камен“, купил опрема, собрал неколку пријатели, ангажирал работници и започнал со рударска работа. Минирал карпи, направил патишта, довел вода, изградил куќа во која живеел со својата убава Љуба се до својата смрт.

Тој починал од срцев удар во 1941 година, во хотелот „Ловец“, само неколку месеци по мажењето на неговата миленичка Екатерина за богат Евреин и само неколку дена по започнувањето на пишувањето на книгата која ги опишувала сите негови авантури.
Последните денови од својот живот ги минал во бескрајно долги разговори со авторот на познатиот роман, обидувајќи се на вистински начин да му ја долови атмосферата во градот, ритамот на неговиот живот.

Неговиот вечен дом се наоѓа токму на гробиштата во Црниче, каде го однеле неговите кафеански другари. Потоа во 1956 година по нивното затворање, неговите коски биле преместени во гробиштата во Бутел.

Токму животот во Македонија, формирањето на семејство тука, според некои критичари го прави голем Македонец, кој според нив дошол да живее тука со своите сонародници, со оние кои делел иста култура и токму затоа сакал да ги престави на вистински начин во мигот кога се согласил да се напише роман за неговиот живот во Скопје.

Кога вака внимателно ќе се погледне целата негова биографија, целиот негов живот, може да се заклучи само едно, тој не бил никаков непријател на нашата татковина, не бил некој кој се борел за грчки интереси, некој кој со своите дела и наштетил на Македонија. Заедно со нашиот народ живеел во окупирана Македонија, се соочувал со окупаторот, плаќал данок, се криел од нападите. Со ниту едно свое дело не и наштетил на државата ниту на градот кој толку го сакал. Па тогаш зошто сега по толку години неговото име се употребува како синоним за државен непријател?

Наташа Димеска, авторката е аналитичар во онлајн магазинот : http://mkrevolucija.com

Би можело да ве интересира

Реален здравствен систем, а не експлодирана ракета на годината-петарда

Ана Ололовска

Погледот на Балканот кон Брисел, а намигнувањето кон Москва не е добра можност

Наум Локоски

Блажески: Солза, лажеш, ти никогаш не би се качила на гајби и буриња, освен ако не мислиш дека тие се мостот до удобна фотеља

Ана Ололовска

Македонските политичари да не се прават Англичани пред Тереза Меј

Ана Ололовска

Врне во душите на македонскиот народ, ама здравството нема да потоне

Ана Ололовска

Азески, време е да се пензионираш, заедно со својот дијалект!

Ана Ололовска