Дрогата и криминалот се препреки за владеење на правото и демократијата, предупреди денеска директорот на Канцеларијата на ОН за борба против наркотици и криминал (УНОДЦ) Јури Федотов, отворајќи ја 56-та седница на Комисијата за дроги во Виена.
Тој нагласи дека дрогата и криминалот претставуваат јасна опасност по стабилноста и безбедноста на целиот регион и економскиот и социјален развој.
УНОДЦ, како што кажа, како одговор на овие предизвици работи на воспоставување на регионални и национални програми кои пружаат поддршка каде што е потребно, градејќи силни партнерства и промовирајќи политички определувања на највисоко меѓународно ниво, посебно во развојната агенда по 2015-та година.
Федотов, укажа дека во изминатите десет години забележано е намалување на производството и шверцот на кокаин, и дека најголем дел од одгледувањето на опиум сега е локализиран во Авганистан.
Тие трендови, меѓутоа, се засенети, како што нагласи, со растот на синтетичките дроги, како и новите психоактивни супстанци.
Според него, дрогите продолжуваат да убиваат над 500 луѓе секојдневно.
Меѓународната заедница одговори на тие закани со политичка декларација и со акционен план до 2014 година, кој ќе биде на седницата на Генералното собрание на ОН за проблемите за дрогите во 2016 година, рече Федотов.