Само за 24 часа беа распродадени сите 43 илјади влезници за прошталниот натпревар на поранешниот капитен на германската фудбалска репрезентација Михаел Балак.
На 5 јуни во Лајпциг ќе се одржи натпреварот во чест на Балак. Тој во октомври минатата година и официјално ја заврши професионалната кариера.
– Пресреќен сум поради големиот интерес и не очекував дека само за еден ден ќе бидат продадени сите билети. Се надевам дека тоа ќе биде незаборавна ноќ за сите присутни на тој натпревар, изјави Балак.
Гости на прошталниот натпревар на Балак кои го потврдија своето учество се тренерот на Реал Жозе Мурињо, капитенот на Баерн Бастијан Швајнштајгер и екс репрезентативецот на Германија Бернд Шнајдер.
Меѓу поканетите се и германскиот селектор Јоаким Лев, капитенот Филип Лам и украинската фудбалска легенда Андриј Шевченко.
Предвиден е натпревар меѓу екипите составени од Балак и пријателите против 11 одбрани светски фудбалери кои ќе бидат предводени од Мурињо.